1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГерманија

Берлин: Европејците сакаат мултинационални сили за Украина

СН | АРД | агенции
16 декември 2025

За време на разговорите за Украина во Берлин, повеќе европски лидери усвоија заедничка декларација. Таа се фокусира на обезбедување потенцијално примирје. И претседателот на САД, Трамп задоволен од текот на преговорите.

https://p.dw.com/p/55QA0
Групна фотографија на учесниците на самитот за Украина во Берлин на 15 декември 2025 година
Европските лидери и претставниците на САД во Берлин се изјасниле за соработка со цел да ѝ обезбедат на Украина цврсти безбедносни гаранции и мерки за поддршка за економска обнова.Фотографија: Lisi Niesner/Reuters/dpa/picture alliance

Во Берлин, во текот на изминатите два дена, во различни кругови се дискутираше за мировно решение за војната во Украина. Во понеделникот вечерта, во кабинетот на германскиот канцелар се одржа самит на европски шефови на држави или на влади. Група од вкупно дванаесет политичари објавија заедничка изјава. Во декларацијата се наведува дека и САД и шефовите на држави или на влади од Европа се изјасниле за соработка со цел да ѝ обезбедат на Украина цврсти безбедносни гаранции и мерки за поддршка за економска обнова. Овa се најважните точки:

  • Формирање на мултинационални сили за обезбедување прекин на огнот во Украина: Силите, кои ќе бидат предводени од Европа и поддржани од САД, ќе ги поддржуваат вооружените сили на земјата, и ќе ја гарантираат безбедноста на воздушниот простор и морето. Во изјавата конкретно се наведува дека ова треба да се случи „и преку операции во Украина“.
  • „Континуирана и значајна поддршка“ на вооружените сили на Украина. Цел е да се создаде армија од 800.000 војници во мирно време. Таа би требало да служи за одвраќање и да овозможи одбрана.
  • Механизам за следење на прекинот на огнот предводен од САД и со меѓународно учество треба да служи како рано предупредување за идни напади. Треба да биде можно да се следи и да се реагира на потенцијални прекршувања на прекинот на огнот. Механизам за намалување на конфликтите треба да разработи взаемни мерки за деескалација. 
  • Покрај тоа, се зборува за „правосилна обврска“. Во случај на иден вооружен напад, со тоа би се преземале „мерки за повторно воспоставување на мирот и безбедноста“. Конкретно се споменува употреба на вооружени сили, разузнавачка и логистичка поддршка, како и економски и дипломатски мерки.
  • Ветени се и обемни инвестиции во економската и материјалната реконструкција на Украина. Исто така, се зборува за меѓусебно корисни трговски договори „и земање предвид на потребата Русија да ја надомести штетата предизвикана на Украина“. Во овој контекст, се упатува на рускиот имот замрзнат во ЕУ.

Реакцијата на Русија е нејасна

Покрај германскиот канцелар Фридрих Мерц, изјавата ја потпишаа и неговите колеги од Франција, Велика Британија, Полска, Италија, Данска, Финска, Холандија, Норвешка и Шведска, како и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и претставници на американската делегација, исто така, учествуваа на вечерниот состанок во Канцеларијата на канцеларот. Сепак, изјавата од Берлин не може да биде повеќе од меѓучекор, бидејќи: Русија не седна на преговарачката маса. САД сега ќе го известат Кремљ за резултатите.

Трамп го гледа решението „поблиску од кога било досега“

Американскиот претседател Доналд Трамп изрази задоволство за текот на преговорите во Берлин. Тој имал „многу добри разговори“ со Европејците и со Зеленски. Најголемата пречка сè уште се територијалните отстапки на Украина. Американскиот претседател Доналд Трамп гледа напредок во преговорите за евентуален излез од руската агресија, по разговорите со Европејците и со Украина. „Мислам дека сега сме поблиску отколку од кога било“, рече републиканецот од Вашингтон. Тој имал „многу долги и многу добри разговори“ со украинскиот претседател Володимир Зеленски, канцеларот Фридрих Мерц и други европски политичари. „Се чини дека оди добро“. Во исто време, американскиот претседател го ограничи оптимизмот: „Го кажуваме тоа долго време и тоа е тешко прашање“. Тој се осврна на фактот дека повеќепати разговарал со Русија за решавање на конфликтот. Трамп им оддаде признание на Европејците за нивната „огромна поддршка“ во напорите за постигнување прекин на огнот. За тоа е потребно Русија и Украина „да застанат на иста линија“, додаде тој.  Трамп уште истакна дека разговарал телефонски со шефовите на држави или на влади на Германија, Италија, Финска, Франција, Велика Британија, Полска, Норвешка, Данска и Холандија, како и со раководството на НАТО.

Напредок во безбедносните гаранции

Во Берлин, Украинците и Американците од неделата разговараа за мировен план од 20 точки за земјата која Русија ја нападна пред речиси четири години. Претставниците на САД изјавија дека се согласуваат за 90 проценти од прашањата. Украина претходно сигнализираше подготвеност да се откаже од членството во НАТО во замена за западни безбедносни гаранции. Според претседателот Зеленски, американската страна сигнализирала дека е подготвена за безбедносни гаранции кои одговараат на Членот 5 од Повелбата на НАТО.