1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ го забрзува патот на Украина кон членство

Рози Бирхард | Мари Џослин
15 декември 2025

Украина и Молдавија водат технички преговори за членство во ЕУ и покрај ветото на Унгарија. Еврокомесарката Марта Кос за ДВ објаснува дека земјите-членки на ЕУ ќе го имаат последниот збор за полноправното членство.

https://p.dw.com/p/55MT4
Еврокомесарката за проширување, Марта Кос (прва од десно) говори на заедничка  прес-конференција со заменик-премиерот на Украина за европска и евроатлантска интеграција, Тарас Качка, (прв од лево), и Мари Бјер, данска министерка за европски прашања (во средина)
Еврокомесарката за проширување, Марта Кос (десно) вели дека пристапувањето кон ЕУ е клучно за безбедноста на Украина.Фотографија: Evgeniy Maloletka/AP Photo/picture alliance

Во потег без преседан, Европската комисија ќе го унапреди процесот на пристапување на Украина на техничко ниво, и покрај тоа што Унгарија ги блокира официјалните претпристапни преговори. Според новиот план, техничкиот напредок значи дека Киев ќе продолжи со реформите потребни за исполнување на критериумите на Европската унија, а чиновниците на ЕУ ќе го проценуваат напредокот на Украина во усогласувањето со законите и стандардите на ЕУ, особено во области како независноста на судството. На тој начин се заобиколува ветото на Будимпешта за отворање формални преговори.

Еврокомесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, за ДВ вели дека на неформалниот состанок што се одржа во Лавов минатата недела, добила „јасни упатства“ од министрите за европски прашања на земјите членки за забрзување на напорите за кандидатурата на Украина. „Многу, многу сум среќна и охрабрена што се движиме уште побрзо во процесот“, вели Кос за ДВ.

И натаму ќе биде потребна едногласност

Поддршката на Унгарија и натаму ќе биде неопходна за сите конечни одлуки за членство, бидејќи за прием на нови земји во Унијата е неопходна едногласна согласност од сите постоечки членки. „Во одреден момент ќе мора да постигнеме едногласност“, признава Кос на прашање за тоа колку планот е изводлив и додава дека „за сега може да продолжиме со за техничкиот дел“. „На Украина не ѝ е потребна Унгарија за да спроведе реформи. Тоа е процес на трансформација од кој има корист целата земја“, вели таа. 

Kos: Ukraine's EU integration 'only way' to secure peace

ЕК ќе го примени истиот пристап и кон Молдавија, чија кандидатура исто така е во застој заради внатрешниот застој во ЕУ.

Пристапувањето во 2027 година е дел од мировниот план на САД? 

Кос беше претпазлива и не сакаше да зборува за рокови откако медиумите објавија дека пристапување кон ЕУ уште во 2027 година се разгледува како дел од мировниот план на САД за Украина. „Многу сум среќна што во мировниот план се споменува пристапување на Украина во ЕУ. Тоа сега е првиот нацрт. Ќе видиме што ќе произлезе од тоа на крај“, вели Кос за ДВ, која посочува дека тоа „зависи и од прашањето колку брзо Украина ќе ги спроведе реформите, а и што нашите земји-членки ќе кажат за тоа кога ќе бидеме подготвени да ја примиме Украина.“ 

Борба против корупција

ЕК и Украина на почетокот на минатата недела заеднички изготвија план за реформи во борбата против корупцијата, што се смета за клучен предизвик за Киев на неговиот пат кон ЕУ. Кос наведе дека подобрувањето на контролата на судиите и зајакнувањето на финансискиот капацитет и независноста на украинските антикорупциски институции, би можеле да бидат некои од потребните чекори. 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски седнат на фотеља. Зад него се гледа украинското знаме.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски поднесе апликација за членство во ЕУ уште во 2022 годинаФотографија: The Presidential Office of Ukraine/Captital Pictures/picture alliance

Новиот план на ЕК за членство на Украина следуваше набрзо откако земјата беше потресена од корупциски скандал што се најде на насловните страници ширум светот. „Од нас зависи да процениме кога се појавуваат случаи на корупција дали е тоа знак дека има многу корупција во земјата, или е знак дека антикорупциските институции си ја вршат својата работа? Мислам дека е комбинација од двете“, вели Кос.

Унгарија вели „не“

Иако Унгарија во 2022 година даде зелено светло за Украина да стане официјален кандидат за членство во ЕУ, Будимпешта од тогаш ги блокира натамошните чекори во нејзиниот процес на пристапување. Унгарија спроведе необврзувачки референдум по прашањето на пристапувањето на Украина кон ЕУ, а унгарскиот премиер Виктор Орбан редовно се повикува на неговиот негативен исход кога јавно го оспорува напредокот на Украина. „Зошто нашиот народ треба да ги трпи последиците од туѓа војна? Сочувствуваме со украинскиот народ и ги препознаваме нивните тешкотии, но нема да споделуваме судбина што не е наша“, пиша Орбан во октомври на социјалната платформа X.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан со замислен израз на лицето
Унгарскиот премиер Виктор Орбан го блокира официјалниот напредок во процесот на членство на УкраинаФотографија: Nicolas Economou/NurPhoto/picture alliance

Потребни се и реформи на ЕУ

Експерти сметаат дека на ЕУ ѝ се потребни и внатрешни реформи, доколку сака да ги прими Киев и другите земји што се стремат кон членство. Одлуките на ЕУ често се бавни и може да бидат блокирани со вето од поединечни членки. Приемот на нови земји би можел дополнително да го отежне функционирањето на ЕУ. „Има и разни политички расправи - и би рекол сосема легитимни грижи - за тоа како потенцијалното пристапување на Украина би се одразило на буџетот на ЕУ, на политиката на кохезија, како и на заедничката земјоделска политика“, вели Теона Лаврелашвили за ДВ. „Додека Брисел не одговори на загриженоста, вклучително и институционално, мислам дека дебатите ќе продолжат - и не само Унгарија, туку и други земји-членки нема во целост да го прифатат пристапувањето на Украина кон ЕУ“, оценува аналитичарката во бриселскиот тинк-тенк „Вилфред Мартенс центар“. Кос смета дека ЕК во март следната година ќе презентира проценка за подготвеноста на ЕУ да прифати нови членки и „што е потребно да се стори“.