1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ со контра чекори ако се укине техничката влада

23 април 2026

СДСМ постави услов : Пржинската влада да остане, во спротивно ќе се повлечат од работната група за Изборниот законик.

https://p.dw.com/p/5CgZW
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче
Техничката влада мора да остане или СДСМ ќе се повлечат од работната група за Изборниот законикФотографија: Petr Stojanovski/DW

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска постави јасен услов – Пржинската влада мора да остане, во спротивно пратеничката група на СДСМ ќе се повлече од работната група за Изборниот законик.

На прес-конференција во Собранието, Филипче истакна дека актуелната власт демонстрира „целосно автократски манир на владеење“, поради што техничката влада е единствениот контролен механизам што гарантира фер и слободни избори.

„Овој автократски манир на владеење што го гледаме денес е еднаков на периодот на Никола Груевски. Доколку Законот за Влада во ваква форма помине на Комисија, нашата пратеничка група ќе се повлече од работната група за Изборниот законик“, изјави Филипче.

Пржинската влада како услов за фер избори

Филипче изрази уверување дека актуелната власт се подготвува за предвремени избори, поради што, според него, се брза со измените во законската регулатива.

Тој уште еднаш побара власта да се откаже од укинувањето на техничката влада, потенцирајќи дека токму тој модел бил донесен за изборите во 2016 година, а потоа, на барање на ВМРО-ДПМНЕ, важел и за изборниот циклус во 2020 година.

„Пржинската влада, во формата во која постои сега, е единствениот гарант за фер и демократски избори. Доколку законот не се повлече, се повлекуваме од работата на Изборниот законик“, изјави Филипче.

Укинувањето на техничката влада во прва фаза во Собранието

Собранието во средата (22.04) со 67 гласа „за“, 13 „против“ и без воздржани, ја утврди потребата од донесување по скратена постапка на предлог-законот за изменување на Законот за Владата, со што овој закон ја помина првата фаза од собраниската процедура. Со него се предлага техничката влада да оди во историјата, но по следните избори.  

СДСМ и ДУИ остануваат против ваквото решение, оценувајќи дека условите за укинување на Пржинската влада сѐ уште не се созреани.

Овој  модел на техничка влада  беше производ на Договорот од Пржино од јуни 2015 година, за излез од тогашната политичка криза во земјата. Според Договорот, сто дена пред избори се избира  технички премиер и техничка влада  задолжена за спроведување на изборите, во која опозицијата добива и министри во два ресора - за внатрешни работи, и за труд и социјална политика, како и заменици министри во три ресори - во земјоделие, финансии и во администрација и информатичко општество.