1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рации против млади десни екстремисти во Германија

ЖА / агенции
6 мај 2026

Полицијата во Германија изврши рации против крајно десничарски младински групи кои се сметаат за склони кон насилство и се обвинуваат за формирање криминална организација. Акцијата е спроведена во 12 сојузни покраини.

https://p.dw.com/p/5DMpO
Полициско возило, Германија
Во операцијата учествувале повеќе од 600 припадници на полицијата, кои извршиле претреси на околу 50 објекти Фотографија: Matthias Balk/dpa/picture alliance

Германското обвинителство во средата спроведе координирана акција во 12 сојузни покраини, насочена против 36 млади лица осомничени за десничарски екстремизам и подготвеност за насилство. Според информациите од Сојузното обвинителство со седиште во Карлсруе, станува збор за лица кои се сметаат за клучни членови на групите „Млади и силни“ („Jung & Stark"), „Германска младина напред“ („Deutsche Jugend voran") и „Нов германски бран“ („Neue Deutsche Welle").

Според истрагата, преку социјалните мрежи и на состаноците на овие групи се повикувало на извршување насилни дела насочени кон политички противници, како и против лица кои тие ги сметале за педофили.

Осомничени за напади врз политички противници

Дел од осомничените се товарат дека извршиле физички напади врз лица од левичарската сцена, како и врз луѓе кои ги сметале за педофили. Според обвинителството, жртвите биле нападнати од повеќе напаѓачи и претрпеле телесни повреди.

Во фокусот на истрагата се 36 лица, кои се сомничат за членство во криминална организација. Меѓу нив, како што се наведува,  има и малолетници и помлади полнолетни лица.

Овие групи делуваат на целата територија на Германија  и, според властите, постојат од средината на 2024 година. Тие се организирани во регионални структури во повеќе покраини. Најголемиот број од осомничените се сомничат дека имале лидерски улоги во групите, додека против осум лица дополнително се води истрага за тешки телесни повреди.

Над 600 полицајци во акција

Во рамките на акцијата, која опфати 12 сојузни покраини, не се извршени апсења. Според надлежните, целта на претресите била да се соберат докази и да се разјаснат постојните сомневања.

Во операцијата учествувале повеќе од 600 припадници на полицијата, кои извршиле претреси на околу 50 објекти во сојузните покраини Баварија, Берлин, Бранденбург, Хесен, Мекленбург-Предна Померанија, Долна Саксонија, Северна Рајна-Вестфалија, Рајнланд-Пфалц, Сар, Саксонија, Саксонија-Анхалт и Шлезвиг-Холштајн. Единствено претреси не биле спроведени во Баден-Виртемберг, Бремен, Хамбург и Тирингија.

Сојузната министерка за правда, Штефани Хубиг (СПД), изјави дека  милитантните десничарски екстремистички групи добиваат сѐ поголема поддршка, при што особено  загрижува фактот што меѓу нив има и многу млади луѓе.

„Нивните активности се насочени против сите кои тие, според нивниот екстремистички светоглед, ги сметаат за непријатели – а во исто време и против нашата демократија", истакна Хубиг, додавајќи дека десничарскиот екстремизам претставува најголема внатрешна закана за Германија.

Минатата година во мај, властите веќе разбија друга група – „Letzte Verteidigungswelle" („Последен одбранбен бран"), која исто така била составена од млади десничарски екстремисти. Таа група се сомничи дека подготвувала потенцијално смртоносни напади врз лица од левичарската сцена и врз бегалци, а дел од нападите веќе биле планирани.

На почетокот на овој месец, пред Високиот покраински суд во Хамбург започна судскиот процес против осум осомничени членови и поддржувачи на оваа група.