Груевски под притисок: Петер Маѓар најави крај на заштитата
13 април 2026
Проевропскиот победник на парламентарните избори во Унгарија, Петер Маѓар, денеска (13.04) изјави дека неговата земја повеќе нема да штити лица барани на друго место, што би влијаело на неколку странски политичари кои биле заштитени од неговиот претходник Виктор Орбан.
„Унгарија повеќе нема да биде засолниште за меѓународно барани криминалци“, изјави тој на прес-конференција ден по неговата победа.
Маѓар спомена двајца Полјаци, како и поранешниот македонски премиер Никола Груевски.
Според Маѓар, не станува збор само за правичност, туку и за реципроцитет: „Истото го очекуваме и од другите европски земји“, нагласи победникот на изборите во Унгарија.
Никола Груевски избега од Македонија во ноември 2018 година. Преку Албанија, Црна Гора и Србија, и со користење на унгарски дипломатски пасаван, тој тогаш успеа да стигне до Будимпешта, каде подоцна му беше одобрен и азил. Оттогаш Груевски не се враќа во земјата, а најчесто преку Фејсбук испраќа политички пораки и тврди дека е жртва на политички монтирани процеси.
За да избегне веројатен притвор пред судење, поранешниот полски министер Марчин Романовски, осомничен за проневера на речиси 40 милиони евра (47 милиони долари), побегна во Будимпешта, каде што во декември 2024 година доби политички азил. Унгарија тогаш измени закон за да спречи апсење.
Поранешниот полски јавен обвинител Збигњев Жиобро, кој исто така живее во Унгарија, се соочува со казна до 25 години затвор поради, меѓу другото, пренасочување средства наменети за жртви на криминал за купување шпионски софтвер, наводно за следење на неговите политички противници. Жиобро самиот објави дека непосредно пред Божик добил политички азил во Унгарија. Будимпешта го оправда тоа со тврдењето дека тој е „политички гонет“ во Полска и дека нема гаранции за фер судење поради проблемите со владеењето на правото. На 22 декември 2025 година, паралелно со доделувањето на азилот, унгарската влада измени дел од законот за меѓународна полициска соработка, со кој забрани извршување европски налог за апсење против лица што уживаат азил во Унгарија.