Војната со Иран го поскапува авио-патувањето во Европа
4 мај 2026
Европските граѓани можеби ќе мора сериозно да ги преиспитаат своите планови за патување ова лето, откако наглиот раст на цените на авионското гориво, предизвикан од блокадата на Ормускиот Теснец, доведе до значително поскапување на авионските билети. Авиокомпаниите стравуваат од пад на профитните маржи, како и од недостиг на гориво.
Со растот на цените на авионските билети и очекуваниот недостиг на млазно гориво, иднината на европската авиоиндустрија станува сè понеизвесна. Во исто време, многу жители на Европската Унија би можеле да си дозволат помалку патувања со авион за време на летниот одмор.
Цените на авионското гориво се зголемија повеќе од двојно откако САД и Израел извршија напади врз Иран во февруари. Причината лежи во тоа што, во различни моменти, и Иран и САД го блокираат Ормускиот Теснец — клучен поморски коридор низ кој поминува околу една петтина од светскиот транспорт на нафта и гас.
Марина Ефтимиу, професорка по менаџмент во авијацијата на Универзитетот во Даблин, за ДВ изјави дека цените на млазното гориво во Европа се искачиле од околу 68,27 евра (80 долари) за барел во февруари, на 153,84 евра (180 долари) кон крајот на април, според Индексот за цени на горивото на Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA).
„Ако цените на горивото, кои претставуваат меѓу 25 и 50 проценти од вкупните оперативни трошоци на авиокомпаниите, останат високи, а компаниите не се заштитени од ризици, тие би можеле да банкротираат“, предупредува Ефтимиу.
Недостиг на гориво и пренесување на трошоците врз патниците
Покрај вртоглавиот раст на цените, наскоро се очекува и реален недостиг на млазно гориво. Пред две недели, директорот на Меѓународната агенција за енергија (МАЕ) предупреди дека Европа располага со резерви доволни за уште околу шест недели.
Во просек, Европа дневно троши околу 1,6 милиони барели авионско гориво, од кои 1,1 милион барели се набавуваат од домашни извори. Преостанатите околу 500.000 барели се увезуваат од Блискиот Исток преку Ормускиот Теснец, кој во моментов е речиси непрооден.
Некои авиокомпании веќе почнаа да го пренесуваат растот на трошоците врз патниците. Ер Франс-КЛМ ја удвои доплатата за долги релации од 50 на 100 евра по билет, додека Луфтханза најави укинување на 20.000 летови на кратки дестинации. Скандинавиан Ерлајнс (САС) планира да откаже околу 1.000 летови.
„Принудени сме да го направиме тоа, бидејќи во спротивно ќе банкротираме за само неколку месеци“, изјави Себастијан Жустум, потпретседател на Ер Франс-КЛМ, на неодамнешен настан во Европскиот парламент.
Според извештај на советодавната компанија Тенео, цените на авионските билети годишно пораснале за 24 проценти. Ендрју Чарлтон, директор на консултантската фирма Авиејшн Адвокаси, вели дека иако во моментов има доволно гориво, неизвесноста е огромна.
„Таа неизвесност, како и дополнителните трошоци за одржување на резервите, ги прават билетите поскапи“, изјави тој за ДВ. „Патниците треба да очекуваат помалку седишта и помалку поволни понуди на пазарот.“
Притисок врз ЕУ и повици за итни мерки
Асоцијацијата Ерлајнс фор Еуроп (A4E), која обединува 16 европски авиокомпании и тврди дека претставува 80 проценти од европскиот авиосообраќај, ја повика Европската Унија на итни мерки за ублажување на последиците од војната со Иран.
Меѓу барањата е и привремено олеснување на обврските од таканареченото законодавство против „танкирање“, кое ги обврзува авиокомпаниите да полнат најмалку 90 проценти од потребното гориво во рамките на ЕУ. Овие правила имаат цел да спречат полнење гориво во земји со пониски еколошки стандарди.
A4Е побара и привремена суспензија на Системот за тргување со емисии (ЕТС), според кој авиокомпаниите што оперираат во ЕУ мора да плаќаат за своите емисии на јаглероден диоксид.
„Ова се привремени мерки за да ја пребродиме актуелната ситуација, заедно со подолгорочно планирање за иднината“, изјави директорката на A4E, Уранија Георгуцаку.
Airports Council International (АЦИ), која се претставува како глас на светските аеродроми, повика на увоз од алтернативни извори, заеднички набавки меѓу земјите-членки и подобра координација.
„Актуелните цени на авионското гориво и ризикот од нова криза со трошоците за живот значат дека многу регионални аеродроми во Европа би можеле да се соочат со шок и во понудата и во побарувачката“, предупреди Оливије Жанкoвец, генерален директор на АЦИ Европа, додавајќи дека тоа претставува егзистенцијална закана. Тој, сепак, истакна дека засега европските аеродроми не се соочуваат со директен недостиг на гориво.
Координацијата во ЕУ како клучен фактор
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пред Европскиот парламент истакна дека „за само 60 дена конфликт, сметката за увоз на фосилни горива е зголемена за повеќе од 27 милијарди евра“.
Таа нагласи дека е неопходна посилна координација меѓу земјите-членки, не само околу полнењето на гасните складишта, туку и во однос на резервите на гориво, особено млазното гориво и дизелот, каде пазарите се сè позатегнати.
Минатата недела Комисијата го лансираше планот „AccelerateEU“, кој предвидува следење на резервите на авионско гориво и координирано снабдување на авиокомпаниите и аеродромите низ ЕУ.
Чарлтон оцени дека европската опсерваторија за гориво, чија цел е мапирање и оптимизирање на дистрибуцијата, веќе функционира и е за пофалба. Сепак, експертите предупредуваат дека доколку кризата се продлабочи, мониторингот нема да биде доволен.
„Може да спречи национален недостиг да прерасне во паника на ниво на цел континент, но не може да создаде гориво што не постои“, вели Ефтимиу.
Извозниците го задржуваат горивото за себе
Извозниците на рафинирано авионско гориво исто така стануваат свесни за сè поскапоцената стока со која располагаат.
„Голем дел од светското авионско гориво се рафинира во Азија — Јужна Кореја е најголемиот извозник — но азиските земји почнуваат да го ограничуваат извозот, бидејќи и нивната сурова нафта доаѓа од Блискиот Исток“, објаснува Ефтимиу.
И покрај тоа, Европската Унија се обидува да создаде чувство на сигурност и ги охрабрува граѓаните да продолжат да патуваат.
„Иако мора да се подготвиме за најлошото сценарио, треба да избегнуваме испраќање прекумерно негативни и алармантни пораки што би можеле да предизвикаат збунетост или паника меѓу патниците“, изјави европскиот комесар за одржлив транспорт и туризам, Апостолос Цицикостас.
Тој предупреди и дека доколку граѓаните или туристите од трети земји не се чувствуваат доволно сигурни да резервираат билети за одморите, економска криза би можела да настапи многу побрзо од очекуваното.