Канцеларот Мерц никогаш не бил толку непопуларен
2 април 2026
Првите два покраински избори годинава завршија, а германската сојузна влада сега повторно ги забрзува работите. Со недели, имено, владејачката коалиција на конзервативните христијански демократи (ЦДУ и ЦСУ) и социјалдемократите (СПД) се движеше со брзина на полжав - од страв дека спроведувањето на реформите би можело да ги отуѓи гласачите во покраините Баден-Виртемберг и Рајнланд-Пфалц. Но, тие долгоочекувани реформи мора да се спроведат за Германија да се врати на вистинскиот пат. Меѓутоа, тие ќе значат поголем товар и намалување на субвенциите за граѓаните.
По преземањето на функцијата во мај 2025 година, канцеларот Фридрих Мерц најави „есен на реформи“. Тоа не се случи. Долгорочната неактивност и политичката стагнација сега го земаат својот данок: 84 проценти од граѓаните - највисок процент откако оваа коалиција дојде на власт - се незадоволни од работењето на германската сојузна влада.
Таа дури не може да ги убеди ни поддржувачите на владејачките партии, според најновото репрезентативно истражување на јавното мислење Дојчландтренд, за кое институтот Инфратест Димап анкетираше 1.316 германски гласачи со право на глас во текот на последните два дена од март.
Мерц и Клингбајл трпат значителни загуби
Падот на популарноста на владејачката коалиција влијае и на популарноста на нејзините лидери. Канцеларот Фридрих Мерц (ЦДУ) сега е поддржан од 21 процент од анкетираните, што е намалување за неверојатни 8 проценти, а вицеканцеларот Ларс Клингбајл (СПД) е поддржан од 18 проценти - пад за неверојатни 15 проценти. И двајцата сега се на најнизок рејтинг откако ја презедоа функцијата. Незадоволството се одразува и на рејтинзите на партиите. Доколку сега би се одржале избори за Бундестагот, владејачките партии ЦДУ/ЦСУ и СПД би биле далеку од мнозинство.
Во споредба со март, двете групи изгубија два процентни поени: ЦДУ/ЦСУ моментално би добиле 26 проценти од гласовите, а СПД само 12. Социјалдемократите така се вратија на рекордно ниското ниво забележано во 2019 година. Рејтингот на
Алтернатива за Германија (AфД) се зголеми за два проценти во споредба со претходниот месец и сега би освоила 25 проценти. И Зелените и Левицата ги подобрија своите резултати за по еден процент, достигнувајќи 14 и 10 проценти поддршка.
Другите партии останаа под прагот од пет проценти, вклучувајќи ги Алијансата Сара Вагенкнехт (БСВ) и Слободните демократи (ФДП), секоја со три проценти поддршка.
Војната во Иран ги урива надежите за економски раст
Германската влада сега мора да ги исполни очекувањата - но економијата е голема загриженост. Трите години рецесија, а потоа и една година стагнација оставија свој белег. Индустријата се намалува и компаниите го преместуваат производството и работните места во странство. Секој знак за подобрување, дури и најслабиот, беше поништен поради војната во Иран. Доколку цените на енергијата останат исто високи или дури дополнително се зголемат, тогаш се заканува повторно инфлација.
Севкупно, 70 проценти од граѓаните немаат доверба дека оваа германска влада ќе ги спроведе потребните мерки за подобрување на економската состојба.
Плановите на владата вклучуваат комбинација од даночни олеснувања, намалување на цените на енергијата, инвестициски стимулации и дерегулација - сè со цел да се стабилизира економската позиција на Германија на краток рок и да се направи земјата поконкурентна на долг рок. По Велигден, се планираат и дополнителни придобивки за потрошувачите.
Побрзо признавање на странски стручни квалификации
Еден предлог е да им се дозволи на компаниите да вработуваат персонал на одредено време за подолги периоди од дозволените. Интервјуираните граѓани се поделени по ова прашање: 48 проценти од нив би го одобриле тоа, а 44 проценти не. Во исто време, забрзаното признавање на странски стручни квалификации, кои би им овозможило на имигрантите побрзо да влезат на пазарот на труд, би добило силна поддршка во Германија (74 проценти).
Притоа, само 48 проценти од гласачите на AфД, партија со одредени екстремно десничарски тенденции, се за. Во исто време, меѓу гласачите на другите партии, стапката на одобрување се движи помеѓу 83 и дури 95 проценти.
Богатите треба да плаќаат повисоки даноци
За да се пополнат буџетските празнини и, пред сè, да се охрабрат жените да работат повеќе, се препорачува укинување на постојните даночни олеснувања за идните брачни парови - таканареченото заедничко оданочување на брачните парови. Меѓутоа, 54 проценти од граѓаните се против тоа, а само 32 проценти сметаат дека тоа е правилно.
Предлогот за зголемување на данокот на додадена вредност е отфрлен од 91 процент од анкетираните. Граѓаните проценуваат дека даночниот и придонесниот товар е веќе превисок за нив.
Вкупно 66 проценти од испитаниците велат дека сметаат дека нивниот даночен товар е превисок, додека 28 проценти сметаат дека е соодветен. Даночните олеснувања за групите со ниски и средни приходи, заедно со зголемувањето на данокот на доход за лицата со високи приходи, би биле добредојдени од 76 проценти од испитаниците.
Пензии, здравство, долгорочна нега - проблеми насекаде
Промени се најавуваат не само кога станува збор за даночниот систем, туку и во областа на социјалното осигурување. Тој систем е под притисок поради демографските промени: населението на Германија брзо старее и сѐ помалку луѓе на работоспособна возраст мора да издржуваат сè поголем број пензионери.
Тоа не може да трае бесконечно. Стареењето на населението го зголемува притисокот и врз здравствениот систем. И е премногу скапо и неефикасно. Бројот на стари лица на кои им е потребна грижа брзо ќе расте во наредните години.
Меѓутоа, 74 проценти од анкетираните граѓани не веруваат дека оваа влада ќе спроведе потребни мерки за да ги направи системите за социјално осигурување одржливи во иднина.
Владата назначи три експертски комисии за да изготват предлози за реформи. Работата на прашањата за пензии и долгорочна нега сè уште е во тек, а комисијата за здравствена заштита ги презентираше своите наоди на крајот на март.
Од предлозите насочени кон олеснување на товарот на законското здравствено осигурување, повисоки даноци на алкохол, тутун и безалкохолни пијалоци добиваат поддршка од мнозинството граѓани (72 проценти „за“, 24 проценти „против“. Меѓутоа, повисоките партиципации за лекови и третмани се јасно отфрлени (20 проценти „за“, 76 проценти „против“, како и укинувањето на бесплатното коосигуруваање за сопружници (26 проценти „за“, 64 проценти „против“) или ограниченото надоместување на приватни лекари и болници (23 проценти „за“, 63 проценти „против“).