Кина апелира до САД и ги критикува постапките во Иран
4 март 2026
Неколку недели пред можната посета на американскиот претседател Доналд Трамп на Кина, Пекинг апелираше за стабилни односи со Вашингтон. „Кина е подготвена да соработува со Соединетите Американски Држави за да ја зајакне комуникацијата на сите нивоа и преку сите канали и да создаде поголем простор за соработка меѓу двете страни“, изјави портпаролот на Кинескиот народен конгрес, Лоу Кинџијан, во Пекинг, еден ден пред отворањето на годишното заседание на Народниот конгрес.
Истовремено Лоу рече дека Кина има свои принципи и дека ќе го брани својот суверенитет, безбедноста и развојните интереси. Шефот на кинеската држава и партија, Ши Џинпинг, и американскиот претседател Доналд Трамп се во редовен контакт. „Дипломатијата на шефовите на држави“ игра значајна улога во односите меѓу САД и Кина.
На прашање за ситуацијата во Иран, Лоу нагласи дека Кина е загрижена. Ниту една земја нема право да ги контролира меѓународните работи или да одлучува за судбината на други, рече тој, без да наведе конкретна држава. Кина ќе продолжи да ја игра улогата на одговорна земја и повикува на запирање на воените операции.
Посетата на Трамп на Кина
Трамп самиот најави можност за посета во април. Пекинг досега не ја потврди таа посета. Според медиумски извештаи, пред евентуалната посета на Трамп следната недела треба да се одржи и шестата рунда преговори во трговскиот спор меѓу претставници на Вашингтон и Пекинг во Париз. Кинеското Министерство за надворешни работи и Министерството за трговија не се изјаснија за тие извештаи.
Кинескиот Народен конгрес на Кина ќе заседава од четврток (5 март, 2026) до 12 март во Пекинг. Речиси 2.800 пратеници ќе го усвојат годишниот извештај за работата на владата, како и петгодишниот план што ги поставува кинеските цели – меѓу другото во економијата и во технологијата – за периодот до 2030 година.