1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скандал со ИПАРД: до каде ќе стигне истрагата?

13 ноември 2025

Скандалот со ИПАРД фондовите отвори сомнежи за злоупотреби и роднински врски. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ разменуваат обвинувања. Дали истрагата ќе се прошири?

https://p.dw.com/p/53YWv
Берба на компири во близината на Шонберг, Германија, септември 2025
Кој се е вмешан во злоупотребата на средства од ИПАРД?Фотографија: Jan Woitas/dpa/picture alliance

Случајот добива залет – обвинувања од двете страни

Скандалот со злоупотреби на програмата ИПАРД станува централна тема во политичкиот дискурс. Власта и опозицијата во Македонија меѓусебно се обвинуваат за вмешаност и бараат целосно расветлување на случајот.

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) го повика Јавното обвинителство да ја прошири истрагата за корупција во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Според нив, информациите кои ги поседуваат отвораат сомнеж дека злоупотребите водат до партискиот врв.

Обвинувања за роднински врски и партиски притисоци

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на прес-конференција изнесе тврдења дека скандалот не е изолиран случај, туку дел од системска корупција воспоставена од ВМРО-ДПМНЕ. Таа посочи дека уапсениот директор на Агенцијата, Илија Стоилев, бил активен претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Свети Николе.

„Според информациите од свиркачи, кумот на Христијан Мицкоски се споменува како можен организатор на криминалните шеми и притисоци во министерството“, додаде Кузеска.

Премиерот Христијан Мицкоски дава изјава во Скпје.18.03.2025
Мицкоски ја повика опозицијата да излезе со конкретни имиња ако има цврсти доказиФотографија: Government of North Macedonia

Реакцијата на премиерот Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли шпекулациите и повика сите кои имаат докази да ги достават до институциите. „Ние сме единствена Влада која реагира веднаш кога ќе забележи девијантно однесување“, изјави тој при посетата на Општина Аеродром.

Мицкоски ја повика опозицијата да излезе со конкретни имиња ако има цврсти докази, нарекувајќи ги нивните тврдења „кукавички“. „Нека остават да си ја работиме работата онака како што треба, ама да не стигне и до некои нивни поранешни функционери и министри“, рече Мицкоски. 

Блокирани средства и политички последици

Случајот првично го обелодени пратеникот од СДСМ и поранешен министер за земјоделство, Љупчо Николовски, кој предупреди дека 130 милиони евра од ИПАРД програмата се блокирани, загрозувајќи 3.000 бизниси и 10.000 работни места. Николовски побара оставка од министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, кој возврати дека проблемите потекнуваат од времето кога СДСМ беше на власт.