Владина коалицијата : следат ли „прелети“ на пратеници?
30 март 2026
Прашањето за стабилноста на владиното мнозинство повторно се отвори откако премиерот Христијан Мицкоски најави дека во мај или јуни ќе следи реконструкција на Владата. Тој порача дека ќе се анализираат перформансите на министрите и дека е можно дел од кадрите да бидат заменети или ротирани.
Во исто време, опозицискиот СДСМ тврди дека коалицискиот партнер ЗНАМ се распаѓа, откако пратеници на ова движење гласаа во прилог на нивниот предлог‑закон за минимална плата од 600 евра.
Мицкоски: Коалицијата е стабилна, изјавите на СДСМ се „хумор“
Премиерот Мицкоски категорично ги отфрли тврдењата на Венко Филипче дека ЗНАМ се распаѓа и дека парламентарното мнозинство се намалува.
„Коалицијата со движењето ЗНАМ не се распаѓа“, изјави премиерот, додавајќи дека ваквите коментари „припаѓаат во рубрика хумор и сатира, а не во политика“.
Реагираа и од ЗНАМ. Портпаролот на партијата, Никола Мемов, ги демантираше наводите за преминување на пратеници во друг табор. Тој порача дека партијата не планира исклучувања или санкции и дека членството на ЗНАМ расте.
„Секој функционер има право на сопствен став, но мора да се почитуваат програмските постулати на ЗНАМ, темелени врз принципите на Илинден и АСНОМ“, наведе Мемов во објава на официјалната фејсбук‑страница на движењето.
Филипче: ЗНАМ се распаѓа
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, деновиве изјави дека ЗНАМ постепено се распаѓа и дека врвот на движењето работи „спротивно на националните интереси“. Тој додаде дека СДСМ веќе води разговори со повеќе пратеници, без да открива имиња.
Тој посочи дека граѓаните веќе ја препознаваат вистината и дека се чувствуваат изневерени. „Луѓето очигледно мислеле едно дека ќе биде, но се покажало дека е друго. Ние на тоа предупредивме уште за време на кампањата во 2024 година, но имаше голем број на луѓе коишто тогаш беа разочарани од СДСМ, го дадоа гласот за ЗНАМ и сфатија дека биле прелажени“, истакна Филипче.
Претседателот на СДСМ нагласи дека вратите на партијата се отворени за сите. „Затоа на тие луѓе сега им е отворена вратата, не само сега, туку и во изминатиот период и ќе биде и понатаму, да знаат дека ова им е матичната партија којашто никогаш не отстапила од главните идеолошки вредносни политики коишто се тука градени и имплементирани со децении“, порача Филипче.
„Има сè повеќе поединци кои што имаат такви иницијативи, јасно и гласно незадоволни од тоа како оваа власт ја тера работата. И тие луѓе кажуваат дека се разочарани од лидерите на движењето ЗНАМ, заради тоа што единствено нешто зашто се заинтересирани се нивните коруптивни интереси, лични финансиски интереси. Ниту се заинтересирале за партијата, за движењето, за интересите на граѓаните, не“, рече Филипче.
Случајот Миле Цеков: дали е тоа сигнал за можни преминувања?
Дилемите за кохезијата на коалицијата се засилија по настапот на пратеникот Миле Цеков. Тој, иако дел од владејачкото мнозинство, гласаше за законот за минимална плата предложен од СДСМ.
Цеков, кој е дел од владејачкото мнозинство, во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1 не сакаше конкретно да одговори дали останува дел од пратеничката група на ЗНАМ.
Цеков изјави дека поддршката била „принципиелен став“: „Прашањето за минималната плата е прашање за достоинството и за тоа каква држава сакаме да бидеме. Некогаш политиката мора да биде повеќе од формула и пресметка, но некогаш и ние политичарите треба да носиме одлуки што ќе мотивираат и што ќе го вратат чувството на работникот“.
Премиерот Мицкоски најави дека во наредните месеци ќе се разгледуваат можни кадровски промени во Владата, со цел, како што рече, да се подобри ефикасноста на институциите. Останува отворено прашањето дали овие рокади ќе бидат проследени и со преминувања на пратеници и ново политичко групирање.