1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Крај на блокадата во САД: капитулација на Демократите

АРД
13 ноември 2025

По 43 дена блокада, Демократите попуштија пред Трамп и Републиканците. Што значи ова за иднината на американската политика?

https://p.dw.com/p/53YSv
Претседателот на САД го потпишува законот за повторно функционирање на владата. Вашингтон, 12.11.2025
Американците се враќаат во нормала, но дали блокадата воопшто беше некому во САД од корист?Фотографија: Jacquelyn Martin/AP Photo/picture alliance

Демократите капитулираа, но и Републиканците сега имаат проблем. Блокадата беше фарса. Блокада никогаш нема победници, или барем ниту една политичка партија не излегува посилна од такво нешто. Особено не кога трае 43 дена, во кои десетици илјади федерални вработени не добиваат плата, а давателите на федерални услуги не добиваат нови налози. Денови во кои социјалните програми се суспендирани, стотици летови се откажани бидејќи и контролорите на летање не добиваа плати, па многумина не доаѓаа на работа. На тоа сега му дојде крај. Американците се враќаат во нормала, но дали блокадата воопшто беше некому во САД од корист? Не. Освен што создаде проблем за Републиканците. И уште поголем проблем за Демократите, бидејќи капитулираа – до душа не сите од нив, туку само седум Демократи и еден независен, кои беа доволни за да го разбијат демократското единство во Сенатот во борбата против претседателот Доналд Трамп и Републиканците. За разлика од Демократите во Сенатот, Демократите во Претставничкиот дом немаа шанса да го спречат законот. 

Компромис што всушност не е тоа 

Осуммината во Сенатот се здружија со Републиканците. Се зборува за политичка катастрофа, за патетична, трагична ситуација. За капитулација. И токму тоа и беше. Пораката е дека не може да се добие борбата против Трамп и неговите Републиканци. Осум гласа беа доволни за да се постигне компромис што всушност не е тоа и со кој Демократите речиси ништо не постигнаа. Вработените во сојузните институции кои беа избркани од работа за време на блокадата ќе бидат вратени на работа – федерален судија веќе имаше издадено таква наредба. Ќе бидат исплатени платите на федералните вработени на принуден одмор. Тоа и досега се правеше, само што Трамп го доведе во прашање. Веќе е до таму дојдено, што применувањето на постоечките закони се смета за успех. 

Ограничување на штетата 

Тоа што Демократите не успеаја да го постигнат е она за што всушност се бореа со блокадата – продолжување на субвенциите за здравствено осигурување, кои истекуваат. Со тоа на милиони Американци треба да им се овозможи прифатливо здравствено осигурување. Осумте пратеници на своја рака одлучија дека е доста, дека немаат шанси и дека сега се работи за ограничување на штетата за американскиот народ. Тие мислеле на луѓето во нивните сојузни држави.

Речиси апсурден тајминг 

Кога е јасно дека битката е изгубена, можеби најдоброто нешто што може да се стори е човек да си признае пораз. Но, тајмингот беше речиси апсурден. Демократите беа толку добро позиционирани колку што одамна не биле – сè до моментот. Минатата недела остварија убедливи победи на важни избори низ целата земја. Рејтингот на Трамп опаѓа. За време на блокадата, тој повеќе се занимаваше со преуредување на Белата куќа, објавуваше слики од реновираната бања, го рушеше источното крило и на викендите си играше голф. Во исто време редиците во народните кујни стануваа сè подолги, а во анкетите повеќе испитаници ги обвинуваа Републиканците отколку Демократите за блокадата. Тешко е да се сфати зошто токму сега Демократите попуштија. Гласачите сакаат некој што ќе се залага за нив, некој што ќе му се спротивстави на Трамп. Тие сакаат политичари кои се борат за нив. Резултатите од изборите од минатата недела јасно го покажаа ова. Но, Демократите се без здив. Тие се бореа – и не постигнаа речиси ништо. И многу гласачи така ќе го доживеат ова. Но, Републиканците сега имаат свој проблем – нивното противење да ги продолжат субвенциите за здравствено осигурување. Милиони Американци тоа ќе им го стават на товар и со право. Републиканците сега се под притисок да испорачаат, особено оние што се борат за реизбор. Можеби тоа ќе биде храна за Демократите во нивната кампања за изборите следната година за Конгресот. Но, до тогаш, од теренот си заминуваат како поразени. 

Коментарот на Нина Барт, АРД Вашингтон во оригинал прочитајте го тука.