Крај за печатите во пасошите: Повеќе безбедност, ама и гужви
10 април 2026
Европската унија од денеска, 10-ти април, го спроведува новиот автоматизиран Еntry/Еxit system (ЕЕС) кој дигитално ќе ги бележи влезот и излезот на државјани на трети земји на надворешните граници на Шенген-зоната.
Постепеното воведување на ЕЕС почна на 12-ти октомври 2025 година, оставајќи им време на земјите-членки да ги адаптираат техничките системи, процедурите и обуката на персоналот. Од денеска системот ќе биде применуван во сите земји-членки на ЕУ.
ЕЕС ќе регистрира време и место на влез и излез од Шенген-зоната, биометриски податоци (фотографија и отисоци од прсти), податоци од патната исправа, видот на патната исправа и дозволена должина на престој (максимум 90 дена во период од 180 дена).
Државјаните од земји кои не се членки на Унијата, вклучувајќи ја и Македонија, при првото патување во ЕУ од денеска ќе поминуваат низ таков прв процес на евидентирање.
Споделување податоци во реално време
Наместо да се ставаат печати во пасошите, отсега податоците (за патните документи и биометриските информации) ќе бидат дигитално евидентирани. Тоа овозможува прецизно следење на дозволените престои, го отежнува користењето фалсификувани документи и автоматски ќе сигнализира доколку е пречекорен периодот на дозволен престој. Сите информации ќе бидат складирани во дигитални списи, што ќе овозможи точно да се знае кој влегува во Шенген зоната од трети земји и кој останува подолго од дозволените 90 дена. За првпат земјите од ЕУ преку ЕЕС во реално време ќе споделуваат податоци за граничните премини, што дополнително ќе ја зголеми безбедноста.
Празнична гужва
Спроведувањето на системот се совпадна со Велики петок, неработен ден за православните верници, кога голем број граѓани од Македонија го користат празничниот викенд за патувања и во земји на ЕУ. Според труристичките понуди за Велигден, голем дел од празничните патување се токму во земји на ЕУ - Грција, Бугарија, Хрватска, Унгарија, Италија, Австрија...
И граѓаните во регионот стравуваат од поголеми гужви на граничните премини, особено на оние кои се најоптоварени и во текот на летната сезона - граничните премини со Хрватска, Унгарија, Романија и Грција.
Во прашање е и динамиката на патувањата со организиран авотобуски превоз, имајќи предвид колку време ќе треба да им бидат земени биометриски и други податоци на околу 50 патници само од еден автобус. Од туристичките агенции велат дека во ваква ситуација за автобусите треба да има повеќе ленти на граничните премини.
Тест за летната сезона
Грција на почетокот на годинава најави „надградба на копнениот граничен премин Евзони“, со цел да олесни прекуграничното движење и трговија и намалувањето на времето на чекање на патниците, особено во летните месеци. Извесно е дека тој процес ќе почне, но нема да заврши ова лето. Сообраќајните ленти и за влез и за излез се сметаат за недоволни, бидејќи се проектирани во време кога не можело да се претпостави дека во текот на летниот период ќе поминуваат од 15 илјади до 25 илјади лица дневно.
Хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ изјави дека нивните премини се дополнително опремени за справување со гужвите.
„Главните промени ги засегаат патниците од земји кои не се членки на ЕУ. Хрватска е веќе активно вклучена во системот, со околу 3,7 милиони евидентирани патници и со приближно 10% одбиени влегувања, што го потврдува доследното спроведување на Шенгенските правила. Иако во текот на летната сезона може да се очекуваат гужви поради земањето биометриски податоци, граничните премини се дополнително опремени и организирани за времето на чекање да се сведе на минимум", објасни Божиновиќ во објава на Фејсбук.
По ЕЕС, доаѓа ЕТИАС
Но проверки нема да се прават само на граница, туку уште пред патувањето. Шест месеци по воведувањето на системот за влез/излез (ЕЕС), се очекува да почне да се применува и Европскиот систем за информации и одобрение за патување (European Travel Information and Authorisation System - ETIAS).
Тоа претставува претпатничко безбедносно одобрение кое ќе биде издадено пред да се влезе во земјите членки на Шенген-зоната за краткорочен престој до 90 дена во период од 180 дена.
Барателот на вакво одобрение ќе треба пополни формулар кој ќе содржи лични податоци (име, презиме, датум на раѓање), број и вид на патна исправа, планирани датуми и земји на патување, како и одговор на неколку безбедносни и здравствени прашања. Таксата изнесува 20 евра, а лицата на возраст под 18 и над 70 годишна возраст се ослободени од плаќање.
Без одобрение нема влез во Шенген
Барањето и одобрението се вршат по електронски пат. Одобрението ќе важи три (3) години или до истек на пасошот доколку истекува пред тој рок. Во најголем дел од случаите, одобрението би требало да се издава во рок од неколку минути. Но ќе биде потребно повеќе време доколку на барателот на одобрение му биде побарана и дополнителна документација или информации. Во некои случаи проверката може да трае и до 30 дена. Туристички работници предупредуваат токму на овој аспект.
„Ова значи дека патниците ќе мора многу порано пред планираното патување да го побараат тоа одобрение, за да не се доведат во ситиација да им пропадне платен туристички аранжаман, доколку одобрението им стигне подоцна“, велат туристички работници.
Сметаат и дека обврската за онлајн аплицирање за одобрението може да го зголеми нивниот обем на работа, доколку дел од нивните клиенти не знаат како да го направат тоа.
Одобрението ќе може да се користи за повеќе краткорочни патувања до 90 дена во период од 180 дена. При чекирање или гранична контрола, граничните служби ќе проверуваат дали патниците имаат валиден ETIAS. Доколку нема - на патникот нема да му биде дозволен влез во Шенген-зоната.