Мерц: Не се откажувам од соработката со Трамп
4 мај 2026
Германскиот канцелар Фридрих Мерц потврди дека Соединетите Американски Држави засега нема да распоредат „Томахавк“ крстосувачки ракети во Германија, иако тие беа ветени во 2024 година од тогашниот американски претседател Џо Бајден. Тој, меѓутоа, истакна дека тоа не значи крај на плановите, ниту пак влошување на односите со Вашингтон.
Во интервју за првата програма на германскиот јавен сервис АРД, Мерц изјави дека главната причина за одложувањето е недостигот на вакви оружени системи кај самите Американци. „Американците во моментов едноставно немаат доволно од нив“, рече канцеларот. „Објективно гледано, од САД во овој момент речиси и нема можност да се отстапат воени системи од овој тип.“ Сепак, тој додаде: „Возот не е заминат.“
„Томахавк“ крстосувачките ракети, кои имаат дострел сè до Русија, беа наменети за зајакнување на одбранбената и одвраќачката способност на Германија, како привремено решение до моментот кога Европа самата ќе развие сопствени соодветни ракетни системи.
Нема промени во нуклеарната одвратувачка улога на САД
Мерц во истата емисија нагласи дека во ниту еден момент не постои намалување на американската нуклеарна посветеност кон НАТО. „Кај нуклеарната поделба во рамки на САД нема апсолутно никакви отстапувања“, изјави тој. „Нема никакви ограничувања во американската заложба за нуклеарно одвраќање на територијата на НАТО. Тука никаде не постои сомнеж.“
Во врска со најавениот потег на американскиот претседател Доналд Трамп за повлекување на повеќе од 5.000 американски војници од Германија, Мерц оцени дека тоа „воопшто не е ново“. Според него, станува збор за контингент кој претходникот на Трамп, Џо Бајден, го распоредил привремено, а разговорите за негово повлекување траеле подолго време. „Можеби сега е малку позаострено, но тоа не е ништо ново“, рече канцеларот.
Нема поврзаност со критиките за војната со Иран
Мерц категорично отфрли каква било поврзаност меѓу најавите на Трамп и неговите неодамнешни критички изјави за американската политика кон Иран. „Нема никаков контекст меѓу овие работи“, истакна тој.
Воедно, канцеларот повторно ја потврди својата критика кон стратегијата на САД во војната со Иран и застана зад својата изјава дека Иран ги „понижил“ Соединетите Држави. Мерц во понеделникот, за време на средба со ученици, изјави дека Американците очигледно немаат јасна стратегија во конфликтот со Иран – став што инаку го делат и многу експерти, меѓу кои и Корнелиус Адебар од Германското друштво за надворешна политика.
Сепак, формулацијата што ја употреби канцеларот очигледно лично го налути Доналд Трамп. „Цела една нација се понижува од иранското водство на државата“, рече Мерц тогаш, алудирајќи на САД. По таа изјава, Трамп повеќепати остро го нападна германскиот канцелар во објави на социјалните мрежи.
Во емисијата „Карен Миосга“ на АРД, Мерц нагласи дека и покрај тоа не се откажува од трансатлантските односи. „Не ја напуштам соработката со Доналд Трамп“, изјави тој. „Морам да прифатам дека американскиот претседател има поинакво мислење. Но, тоа ништо не менува во моето убедување дека Американците се нашите најважни партнери во Северноатлантската алијанса.“
Растечко незадоволство во редовите на ЦДУ/ЦСУ
Канцеларот во емисијата детално зборуваше и за внатрешнополитичката состојба во Германија и призна дека во редовите на Унијата расте незадоволството од атмосферата во црно-црвената коалиција. „Постои сè поголем немир поради компромисите“, изјави Мерц.
Тој посочи дека не бара никаква друга парламентарна мнозинство освен актуелната коалиција со СПД и јасно исклучи соработка, па дури и толерирање од страна на АфД. „Тоа со мене не доаѓа предвид“, рече канцеларот.
Во исто време, Мерц испрати порака и до коалицискиот партнер. „СПД не треба да мисли дека може со нас да прави што сака“, предупреди тој и побара „иста подготвеност за компромис“ каква што, според него, покажува Унијата. „Компромисите не се еднонасочна улица. И двете страни мора да ги правиме.“
Јасна позиција за даноците и пензиите
Мерц не покажа подготвеност за компромис околу барањето на СПД за повисоко оданочување на високите приходи. Тој уште еднаш категорично го отфрли овој предлог и нагласи дека сојузниот министер за финансии Ларс Клингбајл (СПД) мора да знае дека таква политика „не е возможна со ЦДУ/ ЦСУ – ниту со мене“.
Речиси една година по стапувањето на владата на чело со Мерц, односите во коалицијата се затегнати поради несогласувања околу реформите и други законски иницијативи. Дополнителен товар претставуваат слабата економска состојба и лошите рејтинзи во анкетите – и за СПД и за Унијата.
Во врска со своите неодамна контроверзни изјави за пензискиот систем, канцеларот нагласи: „Никој во оваа земја не предлага намалување на пензиите. Тоа не би било ниту дозволено.“ На забелешките за неговата изјава дека законската пензија во иднина „ќе биде најмногу основна заштита“, Мерц генерално го бранеше својот стил на комуникација.
„Се разбира дека сум самокритичен. Кога ги гледам ваквите реакции, си го поставувам прашањето: што можеше да се каже подобро? Следниот пат ќе го кажам подобро. Но, нема да го кажам поинаку“, рече Мерц. Тој и понатаму се соочува со обвинувања дека честопати користи погрешен тон – последно пат поради неговите јавни изјави за американската политика кон Иран.