Владата се повлекува од набавка на нов авион
18 февруари 2026
Владата ќе се повлече од планот за набавка на нов државен авион, по серијата јавни критики за наводно луксузирање и злоупотреба на постојниот владин воздухоплов. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека иако на средбите со лидерот на СДСМ, Венко Филипче било договорено да не се критикува одлуката за набавка на нов авион, кој би се користел и во иднина од други влади, но и за хуманитарни мисии, тие сепак не останеле на нивниот збор.
Мицкоски: „Ќе се повлечеме и ќе се молиме да останеме живи“
„Ќе се повлечеме од таа набавка и ќе се молиме да останеме живи. Доколку се урнеме некаде и починеме, претпоставувам дека ќе стане јасно дека дебатата за некоја идна влада и идни премиери е беспредметна“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по конференцијата за формализирање на неформалната економија.
Премиерот посочи дека авионот го користел четири пати, а како пример го наведе враќањето од Сплит во август минатата година, кога го пропуштил летот на „Кроација ерлајнс“.
„До Хрватска отпатував со комерцијален лет на ‘Кроација ерлајнс’. По обврската со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ го продолжив одморот за уште еден ден. Го пропуштив повратниот лет, а следниот ден имав неодложни обврски. Поради тоа владините служби го испратија воздухопловот да ме врати во Скопје“, објасни премиерот.
СДСМ: „Пари за луксуз наместо за болници, плати и инфраструктура“
Опозициската СДСМ остро ја критикуваше намерата за набавка на нов авион и побара од Владата да открие кој и за што патувал со државниот „Лирџет“.
Портпаролката Богданка Кузеска оцени дека државата има приоритети што се „далеку поважни од купување луксузен авион“.„Со парите за еден авион може да се изградат три нови болници, да се реконструираат постоечки здравствени центри, да се изградат 20 згради со социјални станови или десетици километри водоводи и канализации. Наместо за плати, пензии и болници, Владата сака граѓаните да го платат луксузот на Мицкоски“, рече Кузеска.
Владиниот „Лирџет 60“ е во употреба од јануари 2005 година. Станува збор за бизнис‑авион со долет до средни дестинации, погоден за летови во Европа и Блискиот Исток, но не и за прекуокеански релации.
Според документи на Службата за општи и заеднички работи, објавени од Телма, „Лирџет 60“ бил употребен околу 40 пати за една и пол година, без да се бројат деветте и два специјални сервисни летови– медицински и за евакуација. Најчеста релација е Скопје – Будимпешта, со вкупно седум летови.