Мицкоски: Нема договор за Груби
26 февруари 2026
Полемиките околу враќањето на поранешниот вицепремиер Артан Груби во земјата, замената на притворот со куќен притвор и обвинувањата за наводен таен договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се прелеаја и на собраниската говорница. Премиерот Христијан Мицкоски порача дека „нема логика да се договара со луѓе кои сакаат да го видат неговиот крај“.
„Изминатите денови јавноста со право е вознемирана и ги разбирам сите коментари. Тука не треба да има дилема дека постои револт кај граѓаните. Во минатото ова лице, заедно со неговите коалициски партнери, се однесуваше недостоинствено кон граѓаните и кон сите етнички заедници“, рече Мицкоски и додаде:
„Немам против некој во својата потсвест да ја обвини Владата дека има некаков договор, но да дојдеме до логиката. Јас бев најнапаѓаниот од истото лице... И сега, по некоја чудна логика, јас како претседател на Владата би се договарал со оние што сакаат да го видат мојот политички и човечки крај. Ова нема никаква логика“, изјави премиерот.
Тој одговараше на пратеничко прашање од Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ дали имало договор за враќањето и пуштањето на поранешниот вицепремиер.
„Допрва почнува агонијата за поединци“
Мицкоски рече дека Груби сега е обезбеден и нагласи дека „допрва почнува агонијата за поединци“.
„Сега ќе дојде нов независен обвинител или обвинителка, ќе видиме како ќе биде, и тука очекуваме да биде правдата заштитена. А на оние што сега совеста им работи, немирни се, тешко спијат, нервозни се - тоа се гледа на прес-конференциите. Немирот си го прави своето. Сега велат доаѓа крајот. И кога доаѓа крајот, тие се обидуваат како мачка да скокнат на очи. Но, заборавиле дека ние сме лавови и ваквите како нив ќе одговараат“, рече Мицкоски.
Опозициската СДСМ деновиве остро ја критикуваше одлуката со која Груби беше пуштен во куќен притвор. Лидерот на партијата, Венко Филипче, во телевизиско гостување оцени дека е „урнат правниот систем“, а за Груби „фалел уште црвен килим“.
„Со доаѓањето на Артан Груби се случи урнисување на правниот систем на државата“, рече Филипче и додаде дека начинот на кој била спроведена постапката укажува дека „има договор“.
Гаши: Институциите да не се мешаат во судството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, не смета дека враќањето на Груби е политичка одлука. Тој порача дека како претседател на парламентот не е добро да коментира политички одлуки, но нагласи дека е крајно време „да престанеме да се мешаме во судството“.
„Таа перцепција кај граѓаните дека има некаков договор остава лошо чувство. Мојата порака е секоја институција да си ја врши својата работа – судството и Обвинителството. Има процес, нека си ја вршат работата совесно и професионално“, изјави Гаши.
Тој додаде дека „дојде времето сите да се свестиме дека немаме време за губење во воспоставување на правната држава“.
Барање за одговорност во судството и обвинителството
Реакции во јавноста и кај политичките партии се појавија откако Обвинителството предложи, а судот одобри куќен притвор за Груби, кој во понеделникот, по повеќе од една година бегство, се појави во земјата. Од Јавното обвинителство информираа дека за ваквата одлука биле исполнети специфични услови. Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност процениле дека во затворот во Шутка не може да му се гарантира безбедност.
Министерот за правда Игор Филков од „Движењето ЗНАМ “ ги повика Судскиот совет и Советот на јавните обвинители да поведат постапка за утврдување евентуална одговорност кај обвинителот кој ја предложил мерката, како и кај судијата што ја прифатил замената на притворот со куќен притвор.
Претставници на двата совета реагираа дека судија не може да изрече притвор доколку обвинителот предложил поблага мерка.