Кои се најжешките изборни точки на локалните избори?
16 октомври 2025
СДСМ се враќа и ќе победи, порача лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на митингот во Струмица кој се одржа на 12 октомври, под мотото „Се бориме за нашиот дом“. Од партискиот бастион, каде локалната власт веќе две децении е во рацете на СДСМ, тој испрати порака дека партијата не планира да се предаде во битката за Струмица.
„Од тука тргнаа политичари кои ја менуваа државата. Од тука тргнаа политики кои носеа развој, правда и слобода. Од тука секогаш се раѓала надежта. Затоа од овде, од овој плоштад, ќе ја испратиме најсилната порака: СДСМ се враќа“, рече Филипче.
За него, Струмица е симбол на отпорот. „Во Струмица не поминуваат лагите и манипулациите на власта“, рече Филипче пред струмичани.
Но, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски има поинакви очекувања од овие локални избори. За него, Струмица е симбол на борбата, на достоинството, на надежта. Вели дека таа не е ничија приватна сопственост и дека е време ВМРО-ДПМНЕ да ја однесе победата. Според Мицкоски, Струмица 20 години чекала на промени кои, според него, сега ќе се случат.
„Ќе победиме затоа што Струмица крева глава, се ослободува од стегите кои две децении ја заробија во она што се вика фамилија која го запоседна градот“, рече Мицкоски на 5 октомври, на партискиот митинг во градот.
Токму Струмица е една од најжешките изборни точки на локалните избори во Македонија коишто ќе се одржат в недела (19 октомври). Аналитичарите очекуваат неизвесни моменти и во скопските општини Карпош и Центар, што се однесува до дуелите во македонскиот политички блок. Во албанскиот блок, битката пред се ќе се води за Тетово и за Чаир, коишто се прогнозира дека ќе бидат најинтересни за следење.
Битката за Струмица
На првиот круг од локалните избори закажан за 19 октомври струмичани ќе можат да бираат меѓу четворица кандидати. Петар Јанков, како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Марјан Даскаловски е кандидат на СДСМ. Единствена Македонија го номинира Ристо Цасконоје, а има и еден независен кандидат – Драган Котуровиќ.
СДСМ на овие избори одлучија да не го кандидираат актуелниот градоначалник Костадин Костадинов, иако тој реагираше дека е прв на анкетите. Партијата, сепак, одлучи да игра на друга карта за изборите: довербата му ја дадоа на Марјан Даскаловски, кој доаѓа од приватниот сектор и долгогодишен претседател на Советот на Општина Струмица.
Според очекувањата, одлучувачка битка ќе се води токму меѓу овие двајца кандидати. Целта на ВМРО-ДПМНЕ е да ја освои локалната власт во овој град по цели 20 години, каде од 2005 година градоначалниците се од редовите на СДСМ. Три мандата беше поранешниот премиер Зоран Заев, еден Коста Јаневски, по што со општината раководеше Костадин Костадинов.
Според аналитичарот Петар Арсовски, лошата внатрепартиска кохезија во СДСМ, која е очигледна подолго време како резултат на парламентарните избори лани, ќе ја донесат својата цена за гласовите. „Имам впечаток дека по појавувањата на поранешни функционери на СДСМ во кампањата, се гледа дека тие се повеќе насочени кон она што ќе се случува по локалните избори“, вели аналитичарот.
Неизвесности и пресврти
Арсовски очекува во македонскиот блок неизвесни моменти токму во Струмица, како и во скопските општини Карпош и Центар. „Во македонскиот блок други изненадување на очекувам, но може да се случат некакви изненадувања во овие три општини“, вели Арсовски.
Што би значело тоа? Според соговорникот на ДВ, изненадување би било во Карпош да победи некој друг освен актуелниот градоначалник, Стевчо Јакимовски кој се бори за петти мандат, или во Центар да победи некој друг освен актуелниот градоначалник, Горан Герасимовски, кој е во повторна трка за прв човек на општината. Изненадување би било и ако „Струмица ја добие ВМРО-ДПМНЕ, што ќе биде за првпат по многу години“.
Во албанскиот блок битката пред се ќе се води за Тетово и за Чаир, и тие ќе бидат најинтересни за следење, анализира Арсовски. Тетово и Чаир, вели тој, се многу интересни во мисла на својата политичка тежина, а не во однос на неизвесноста на битката.
Чаир - нов бастион за партиска битка меѓу ДУИ и Вреди
Ако досега копјата се судираа во Тетово, сега клучната битка се пресели во скопски Чаир. „Доколку во Тетово и Чаир победи Вреди (Влен), прикаската на ДУИ „нема да пие вода“ – дека треба веднаш предвремени парламентарни избори, дека Влен се делегитимирани. Тој наратив ќе пропадне. Ако пак, ДУИ победи во Тетово и Чаир, ќе создаде посериозни политички реперкусии во кои Влен ќе биде на мака да ја задржи својата позиција и својот легитимитет“, посочува Арсовски.
Овие избори, според аналитичарите, се интересни од аспект што во Чаир се води битка за се или ништо. Битката за Чаир и многу интересна и ’претседателска’, бидејќи политичките партии од албанскиот блок го претворија Чаир во симболична битка за сите Албанци. „Во трката влегоа највисоко профилираните кандидати во ДУИ и Вреди – Бујар Османи и Изет Меџити, со што партиите се фокусираа на битката за Чаир, кој го гледаат како бастион на Албанците во Македонија“, вели Арсовски.
Поголемите општини - показател за расположението на гласачите
Аналитичарот Џелал Незири за ДВ вели дека поголемите урбани општини секогаш се показател за вкупното расположение на граѓаните. „Скопје е најважна и најсилна единица на локалната самоуправа и е еден вид индикатор која партија како стои со поддршката. Според анкетите, ВМРО-ДПМНЕ ќе биде и на овие избори победник во Град Скопје, но останува нејасно дали во првиот или вториот круг“, вели тој.
Ако се оди на втор круг, тогаш битката за ова изборно финале ќе биде меѓу кандидатите на СДСМ и Левица. „Всушност, не само во Скопје, но и на ниво на држава најинтересната битка е за приматот предводник на опозицијата. СДСМ е во криза, а Левица во подем, што може да најавува „пасокизација“ на социјал-демократите и нова опозиција за ВМРО-ДПМНЕ, смета аналитичарот.
Незири додава дека Куманово и Центар се важни за ЗНАМ за опстанок, додека Чаир и Тетово ќе го одредат и победникот кај политичкиот кампус на етничките Албанци.
Стратешки одлуки
Што се однесува до Левица и ЗНАМ, за двете партии одлуката да кандидираат советници и кандидати за градоначалници на што повеќе места е стратешка одлука. Арсовски смета дека таа одлука не се базира на тоа дали мислат дека ќе победат или не. „Ако немаат кандидати во некоја општина ќе си го намалат бројот на гласови“, вели соговорникот на ДВ.
Според него, станува збор за стартна позиција за подобрување на нивните позиции на политичката сцена. „Целта е да се најдат на ливчето на што повеќе места, и со тоа да си го зголемат својот гласачки потенцијал“, додава Арсовски.
Според него, феномен е што СДСМ покажува пад, а Левица - раст во некои скопски општини што се претежно урбани и со помлада популација, како Аеродром, Кисела Вода, Ѓорче Петров. Таму Левица и СДСМ се „глава за глава“.
За разлика од политичките битки во поголемиот дел од општините, Незири смета дека во Кичево, Брвеница, Чашка, Долнени и Бутел ќе се води и етничка трка за тие општини. „На овие локални избори не се бара само идното раководство на општините, како најблиска власт до граѓаните, туку и политичкиот примат кој ќе биде основа за идните стратегии на партиите поврзани со централната власт“, вели тој.
Овие избори, додава аналитичарот, ќе дадат одговор дали ќе има предвремени парламентарни избори, консензуална влада за ЕУ, реконструкција и прегрупирање, колку е силна ВМРО-ДПМНЕ или слаба СДСМ, но и кој всушност го има легитимитетот кај етничките Албанци за да ги претставува на централно ниво.
Што се однесува до учеството на независните кандидати на овие локални избори, тие „истрчаа“ со познати имиња и докажани личности во својата професија, кои ја имаат наклонетоста на јавноста. Но, Арсовски смета дека за жал во Македонија работата е поставена така што партиската инфраструктура и организација има повеќе тежина од квалитетот на понудата на самиот кандидат.
Национална кампања за локални избори
Оваа национална кампања за локални избори, според Незири, е показател дека локалната власт нема многу значење, дека се зависи од централната власт и дека итно се потребни реформи за да се дојде до функционални општини, способни да испорачаат квалитетни и ефикасни решенија за проблемите на граѓаните.
Овие реформи би значеле најпрво редизајнирање на границите на општините и реална децентрализација на власта, и во финансиска но и во политичка смисла, вели аналитичарот за ДВ.