1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ-самит: Орбан и Фицо го блокираат кредитот за Украина

ЖА / агенции
19 март 2026

Унгарскиот премиер Виктор Орбан и словачкиот премиер Роберт Фицо го блокираат кредитот од 90 милијарди евра за Украина на ЕУ‑самитот, повикувајќи се на проблеми со нафтоводот „Дружба“.

https://p.dw.com/p/5Aifx
Унгарскиот премиер Виктор Орбан и словачкиот премиер Роберт Фицо
Унгарскиот премиер Виктор Орбан и словачкиот премиер Роберт Фицо го кочат кредитот за помош на Украина Фотографија: Omar Havana/AP Photo/picture alliance

Европскиот совет во Брисел започна во знакот на војната на Блискиот Исток и прашањата за енергетската безбедност, но отворањето го обележаа нови обвинувања и апели кон унгарскиот премиер  Виктор Орбан  поради блокадата на  кредитната финансиска помош за Украина.

На почетокот, германскиот канцелар  Фридрих Мерц го повтори својот повик до унгарскиот премиер Виктор Орбан да се откаже од блокадата на милијарди евра финансиска помош за Украина. Тој ги потсети присутните во Брисел дека на самитот во декември сите земји-членки донеле едногласна одлука за ова прашање.

Унгарија и Словачка остануваат на блокадата на кредитот

И покрај силниот притисок од останатите земји членки, Унгарија и Словачка останаа на позицијата да го кочат кредитот од 90 милијарди евра за Украина. Од 27 лидери, само 25 во четвртокот ја поддржаа заедничката изјава на Европскиот совет, која предвидува исплата на средствата почнувајќи од април. Унгарскиот премиер Виктор Орбан и словачкиот премиер Роберт Фицо, според дипломатски извори, одбиле да ја дадат својата согласност.

Иако двете држави во декември се согласија на финансискиот пакет за следните две години, тие од тогаш ја попречуваат неговата реализација. Причината е спорот со  нафтоводот „Дружба“,  преку кој вообичаено руската нафта се транспортира преку Украина до Унгарија и Словачка.

Нафтоводот „Дружба“ и условувањето на Орбан

Нафтоводот беше оштетен во јануари при руски напад, соопшти Киев. Поради прекинатите испораки на нафта, Орбан во знак на притисок ја блокира не само исплатата на кредитот, туку и новиот пакет санкции на ЕУ против Русија.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан на ЕУ-самитот
Орбан: Ќе ѝ помогнеме на Украина само кога ќе ја добиеме нашата нафтаФотографија: Yves Herman/REUTERS

Украинскиот претседател  Володимир Зеленски,  кој се обрати на самитот преку видеоврска, најави дека „Дружба“ ќе биде поправен до почетокот на мај.  Европската унија  се понуди да ги покрие трошоците за ремонтот.

Но Орбан остана непопустлив. „Ќе ѝ помогнеме на Украина  само кога ќе ја добиеме нашата нафта“,  изјави тој пред почетокот на самитот. Дипломатски извори потврдуваат дека ниту за време на седницата тој и Фицо не можеле да бидат убедени да ја сменат својата позиција.

Обвинувања за политичка злоупотреба

Финскиот премиер Пeтeри Орпо го обвини Орбан дека ја користи  Украина  како „оружје во својот изборен кампањски арсенал“.  На 12 април Унгарија ќе одржи избори за нов парламент,  а според критичарите, премиерот ја користи блокадата за мобилизација на гласачкото тело.

За Украина, кредитот е клучен за финансирање на државниот буџет и одбраната од руската агресија. Според проценките на ЕУ, Киев може да се соочи со недостиг на средства уште од април доколку блокадата продолжи.