1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија во трка меѓу реформи и рокови од Планот за раст

21 април 2026

Западниот Балкан може да изгуби над 700 милиони евра поради забавени реформи. Македонија очекува пари за 16 чекори од Планот за раст.

https://p.dw.com/p/5CZM9
План за раст - евра и симболот на ЕУ
Западниот Балкан може да изгуби над 700 милиони евра поради забавени реформиФотографија: Zoonar/picture alliance

Шесте земји од Западен Балкан ризикуваат колективно да зaгубат повеќе од 700 милиони евра од Планот за раст на Европската Унија доколку до средината на годината не ги спроведат договорените реформи.

Според регионалните медиуми, европската комесарка за проширување Марта Кос на 17 септември испратила писмо до сите главни градови во регионот, со јасна порака дека е неопходно значително забрзување на реформските процеси за целосно искористување на овој финансиски пакет.

Македонија очекува средства за 16 реформски чекори

Во пресрет на овие најави, Владата на Македонија порача дека реформската агенда се спроведува со засилено темпо. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека реформите веќе не се само план на хартија, туку даваат мерливи резултати.

По средбата со амбасадорите на Европската Унија, премиерот Мицкоски најави конкретни следни чекори од реформската агенда,особено во делот на јавните финансии. „Ги зајакнуваме отчетноста и транспарентноста. Се модернизира буџетскиот систем и се подобрува управувањето со јавните инвестиции. Пораката е јасна – јавните средства се управуваат поодговорно и поефикасно“, истакна тој.

Според вицепремиерот и министер за европски прашања, Беким Сали, од вкупно 21 доставен реформски чекор, македонските институции очекуваат позитивна оценка за 16, што би овозможило ослободување на околу 70 милиони евра финансиска поддршка.

Тој вели дека има напредок во клучните области како управување со јавни финансии, енергетска транзиција, човечки капитал и деловна средина, кои придонесуваат за подобро управување и усогласување со ЕУ стандардите. Истовремено остануваат предизвици, особено во делот на сложените законски реформи и чекорите во рамки на грејс периодот. 

Судските реформи се клуч за европската перспектива

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски информира дека состанокот со амбасадорите бил фокусиран на реформите и координацијата со ЕУ, додека вицепремиерот за европски прашања Беким Сали го презентираше напредокот на Реформската агенда 2024–2027.

Како клучни области беа посочени управувањето со јавните финансии, енергетската транзиција, човечкиот капитал и деловната средина.

Министерот за правда Игор Филков информира дека се работи на измени на Изборниот законик, усогласени со препораките на ОБСЕ/ОДИХР, како и на нови системски закони. Тој истакна дека Законот за Судскиот совет веќе дава конкретни резултати, но предупреди дека клучните закони за јавното обвинителство се блокирани во Собранието.

Паралелно се подготвуваат и нов Кривичен законик и Закон за кривична постапка, целосно усогласени со директивите на Европската Унија.

Западен Балкан пред ризик од трајна загуба на пари

Досега, првата или повеќе транши од финансирањето во рамките на Планот за раст се исплатени на пет земји во регионот, со исклучок на Босна и Херцеговина, која доцнеше со усвојувањето на својата реформска агенда. Крајот на јуни се смета за критичен рок. По тој датум, земјите што нема да ги спроведат реформите влегуваат во таканаречена „фаза на трајна загуба“.

Потенцијалните загуби по земја изнесуваат: Албанија – 67,7 милиони евра, Босна и Херцеговина – 373,9 милиони евра, Црна Гора – 15,1 милион евра, Косово – 68,8 милиони евра, Северна Македонија – 49,2 милиони евра и Србија– меѓу 108,7 и 135,9 милиони евра. 

Вкупната можна загуба достигнува 710,6 милиони евра, или речиси 12% од вкупниот пакет од 6 милијарди евра на Планот за раст, чија цел е да ги удвои економиите на регионот во наредната деценија.