1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Унијата и СПД осудени на заедничко владеење?

АРД
25 март 2026

ЦДУ слави: Со новиот замав од добиените избори во покраината Рајнланд Пфалц, канцеларот Мерц сака да се зафати со реформи. Но, разнишаниот коалициски партнер СПД би можел да стане проблем.

https://p.dw.com/p/5AzZW
Германија Берлин 2026 | Канцеларот Фридрих Мерц и вицеканцеларот Ларс Клингбajл на состанок на владата
Додека Унијата (ЦДУ и ЦСУ) поттикната од добриот резултат во Рајнланд-Пфалц сака да почне реформи, во СПД се поставува егзистенцијално прашање (фото: канцеларот Фридрих Мерц од ЦДУ десно и вицеканцеларот Ларс Клингбajл од СПД лево)Фотографија: John Macdougall/AFP

Ден по изборите во покраината Рајнланд-Пфалц, канцеларот Фридрих Мерц го диктира тактот во коалицијата: „Ние сме во работен ритам и така ќе продолжиме.“ Проблемот е што СПД, коалицискиот партнер, е извадена од ритам. Два порази по ред ги доведоа социјалдемократите во тешка ситуација. Со тоа го загрозуваат и ритамот на коалицијата.

Додека Мерц и Унијата (ЦДУ и ЦСУ) поттикнати од добриот резултат во Рајнланд-Пфалц сакаат да почнат реформи, во СПД се поставува егзистенцијално прашање.

„Многу луѓе не знаат за што се залага СПД“, вели копретседателката на СПД, Бербел Бас. „И затоа тргнавме на пат.“ Патот на кој Бас тврди дека е тргната, за многумина е погрешен пат – ако воопшто може да се препознае како пат.На СПД ѝ недостига профил. Се бори за внимание и прифатеност.

Притоа, коалицијата има уште многу планови. Мерц сака во следните недели вистински да се зафати со реформи. Здравство, нега, пензии – социјалната држава мора да се обнови и модернизира. „Сакам да го направам тоа со храброст и самодоверба, а не со двоумење, туку навистина со храброст“, вели сојузниот канцелар.

Белгија Брисел 2026 | Канцеларот Фридрих Мерц на прес-конференција по самитот на ЕУ
Канцеларот Мерц сака во следните недели вистински да се зафати со реформиФотографија: Dursun Aydemir/Anadolu/picture alliance

Различни претстави за реформите

Освен храброст, на Мерц му треба и стабилен партнер. Со Ларс Клингбајл, вториот копретседател на СПД, има однос на доверба. Сака да остане во ритам со него, но Клингбајл веќе подолго време е ослабен. И тоа се слуша кога Клингбајл зборува за Унијата. „Реформскиот поим што го слушнав од Унијата – да се каже дека луѓето се мрзливи, дека треба повеќе да работат, помалку да се разболуваат, помалку да работат со скратено работно време, да работат до 70 години – тоа не е социјалдемократски поим за реформи.“

Социјалдемократот се дистанцира од тонот на Унијата. Тоа би бил повод Мерц остро да возврати. Но Мерц одеднаш воопшто не звучи како Мерц – туку има многу разбирање. Нема лош збор за ослабената СПД. Не сака ни да се грижи. Наместо тоа, му дозволува на Клингбајл да зборува и им дозволува на социјалдемократите да постапуваат како што мислат. Но тоа има граници. И ЦДУ сака и мора да ја спроведе својата политика – а тука е и Маркус Зедер (ЦСУ), третиот играч во тројката, кој инсистира на реформи и бара вистински баланс укажувајќи на АфД.

Германија Берлин 2026 | Ларс Клингбајл на прес-конференција по покраинските избори во Рајнланд-Пфалц
Социјалдемократот Клингбајл се дистанцира од тонот на УнијатаФотографија: Stefan Boness/Ipon/picture alliance

СПД сака повторно да ги освои работниците

Во Рајнланд-Пфалц, речиси 40 проценти од работниците гласале за АфД. Шлаканица за поранешната работничка партија СПД. Таа сака повторно да ја придобие својата клиентела, и тоа ќе се чувствува во сите реформски напори. Клингбајл веќе најави што планира: даночна реформа за растоварување на работниците – особено оние со мали и средни приходи.

И Мерц сака да намали товар - оној за компаниите и индустријата. Бидејќи без економски подем, не е можно ништо.

Во петок (27.03) СПД ќе има кризна средба. Бас и Клингбајл мора да покажат како ќе играат. Потоа Мерц можеби ќе знае дали коалицијата повторно ќе најде заеднички ритам или трајно ќе излезе од такт.

Авторка: Сабине Хенкел, АРД