1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали СДСМ станува периферен играч

20 октомври 2025

Македонија ја губи опозицијата: Со освоени три наспроти 32 градоначалници на ривалската ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг, доскорешната проевропска партија на власт СДСМ е на пат да стане нерелевантна. Анализа на Соња Крамарска

https://p.dw.com/p/52Iq8
Бината за време на конгресот на СДСМ во 2024 година
По локалните избори: Дали СДСМ стануваа периферен играчФотографија: Petr Stojanovski/DW

По првиот круг на локалните избори едно е сигурно: се менува партиската структура на опозицијата. Со освоени три наспроти 33 градоначалници на ривалската ВМРО-ДПМНЕ, доскорешната проевропска партија на власт СДСМ е на пат да стане неважна во македонската политика. ВМРО-ДПМНЕ е во водство уште во 21 општина, а СДСМ во пет, и ако се задржи трендот и во вториот круг, СДСМ во најдобра варијанта ќе заврши со резултат од осум градоначалници, а ВМРО-ДПМНЕ со 53. Тоа значи дека сјајот на социјалдемократите кои во ’90-тите го добија епитетот државотворна партија, по постепеното бледнеење во изминатите години, сега сосема исчезна.

ВМРО-ДПМНЕ триумфираше и на советнички листи на кои извојува околу 301.000 гласа наспроти СДСМ со 126.000 гласа. За споредба, на локалните избори во 2021 година, СДСМ имаа 111.000 гласа повеќе, односно околу 237.000 гласа. По две децении владеење со Струмица, социјалдемократите го изгубија и овој симбол на нивната моќ и општината падна во рацете на ВМРО-ДПМНЕ.

Ваквиот исход не беше неочекуван, но ги разбранува политичките кругови до таа мера што главна вест по вчерашниот (19.10) прв круг на изборите не е масовната победа на владејачката ВМРО-ДПМНЕ туку катастрофалниот пораз на СДСМ. Падот на некогаш најпопуларната партија наиде на бран реакции во јавноста чија заедничка поента е дека беше пропуштена шансата за долгорочна партиска рехабилитација по Шарената револуција и дека СДСМ е пред распад и пасокизација.

„Како долгогодишен член на СДСМ вчерашниот резултат го доживувам тешко, но не можам да кажам дека е неочекуван. Во изминатите 15 месеци не успеавме да оставиме впечаток дека градиме нов СДСМ, една нова приказна, која ќе го привлече, за почеток, вниманието на избирачите. Очигледно е дека кај граѓаните останува силен впечатокот дека во СДСМ постои континуитет на нештата за кои веќе јасно и недвосмислено се изјаснија против на изборите во 2024“, вели во изјавата за ДВ Јован Деспотовски кој беше кандидат за лидер на партијата.

Деспотовски додаде и дека ВМРО-ДПМНЕ вешто ги „прочита“ слабостите на СДСМ и креираше кампања со едноставна и разбирлива порака. „Многумина деновиве ќе кажат дека овие избори се силна шлаканица за СДСМ и за ова раководство. И нема да ме изненади барањето на оставки. И, ако повторно ги занемариме интересот и потребите на граѓаните ризикуваме 2025 да биде само повторување на 2021, и пред нас да има уште многу разочарувања“, изјави тој. 

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче со кандидатите за градоначалници на локалните избори
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче под притисок по резултатите на локалните избориФотографија: Petr Stojanovski/DW

Костадинов: „Тешка брука“! 

И некогашниот коалициски партнер на СДСМ, ДУИ кој ја предводи коалицијата Национална алијанса за интеграција (НАИ), во првиот круг од локалните избори заврши со неповолен резултат. Конкурентот ВЛЕН освои пет градоначалнички места, а е во водство за уште четири, додека НАИ освои четири и е во водство само во уште една општина. ДУИ ја загуби трката во Чаир и Тетово, што може да значи дека по над две децении неприкосновеност Али Ахмети е на пат да биде детронизиран. Од друга страна во негов прилог е што ДУИ (НАИ) на советничките листи добија приближно 114.000 гласа, а ВЛЕН околу 92.000. 

„Резултатот ја одразува политичката волја и расположение на гласачите кои дадоа на коалицијата ВРЕДИ повеќе градоначалници, а во трката за советничките листи дадоа повеќе гласови на НАИ што е значителна разлика кога станува збор за укажувањето доверба“, вели за ДВ Сефер Тахири, аналитичар и професор на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Тој нагласува и дека дел од гласовите на Вреди во Чаир и Струга се дадени од ВМРО-ДПМНЕ. Тахири оценува дека и покрај разликата во гласовите на градоначалничките и советничките листи епилогот е дека ДУИ претрпе пораз. „ДУИ најавија и очекуваа 135 илјади гласови, а освоија 114 илјади гласови на советничките листи што е пораз за нив“, додаде Тахири.

Деспотовски, пак, дополнува дека иако резултатот во албанскиот камп е неочекуван, тој е заслужен. „Ако и остана нешто недоречено по изборите во 2024 сега мислам дека состојбите се доста појасни и за партиите и за Владата. Ова е секако позитивно за државата“, вели Деспотовски. 

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети
Резултатот на партијата на Али Ахмети беше далеку под очекуваниотФотографија: Petr Stojanovski/DW

Неподелен е впечатокот дека додека ДУИ сѐ уште има простор за маневар и консолидација, на СДСМ им претстои неизвесен период со можни фракционерски борби доколку Венко Филипче ја испразни фотелјата. Во објава на Фејсбук, досегашниот градоначалник на СДСМ од Струмица Костадин Костадинов кој не ја доби номинацијата за втор мандат и се дистанцираше од раководството во Скопје, упати остра критика. Ова не е обичен пораз, туку, како што рече тој, „тешка брука, политички и морален срам и сигнал за политичко заминување на поголем број членови од раководството на партијата". 

СДСМ го обвинува Апасиев 

Според Сефер Тахири, кампањата и целата предизборна активност на СДСМ не беа на високо ниво и отсуствуваше мотивација кај членството и симпатизерите.

„Сметам дека после овој резултат во СДСМ треба да се отвори дебата за позицијата на лидерот и на челните луѓе на СДСМ. Здраво е за демократијата, развојот на државата и за општеството да имаме вистинска опозиција, бидејќи во спротивно Левица ќе ни биде опозициска алтернатива“, вели за ДВ Тахири. „Дури и кај раководството на СДСМ, владееше ситуација која беше недоволно стимулирачка за добивање на повеќе гласови или придобивање на членството и неопределените гласачи“, оцени тој. 

СДСМ излезе со оцена дека ВМРО–ДПМНЕ и ЗНАМ во однос на ланските избори имаат изгубено по речиси една третина од гласовите. „Падот на ВМРО-ДПМНЕ е фантастични 135.000 или 30,8 проценти од гласовите, а ЗНАМ паѓа од 56.200 на 38.034 гласови, односно е најголем губитник и има изгубено 33 проценти од гласовите", порачаа социјалдемократите преку партиско соопштение. Во своја одбрана наведоа и дека имаат изгубено само 18 отсто од гласовите што, ако се земе предвид пониската излезеност речиси да нема загуба. До Левица пак упатија порака дека лаже дека ќе стане лидер на опозицијата, и дека има 2,2 пати помалку гласови од СДСМ. „Со што е јасно дека ваквите еуфорични лаги на Апасиев немаат допирна точка со реалноста“, порача СДСМ. 

Kандидатката за градоначалник од СДСМ Каја Шукова
Kандидатката за градоначалник од СДСМ Каја Шукова не успеа ни да влезе во вториот кругФотографија: Petr Stojanovski/DW

Меѓутоа овие партиски анализи не се уверливи бидејќи вкупните резултати покажаа силна тенденција на маргинализирање на партијата. Во Скопје, на пример, каде политичката тежина на изборниот процес е најголема, кандидатката за градоначалник од СДСМ Каја Шукова не успеа ни да влезе во вториот круг, пласирајќи се дури на четврто место по убедливата победа на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски, и зад Амар Мециновиќ од Левица и кандидатот на ВЛЕН, при што Ѓорѓиевски освои речиси четири пати повеќе гласови од Шукова. Слично е и на советничката листа за Скопје каде социјалдемократите со 24.594 гласа се пласираа на петто место заостанувајќи зад ВМРО-ДПМНЕ за четири места. ВМРО-ДПМНЕ освои 81.649 гласови или 18 советнички места, Левица изби на второ место со 27.479 гласа и шест советници, и ВЛЕН и НАИ со по шест, и СДСМ со пет советници.

Периодот што претстои ќе даде појасна слика за потезите на опозицијата и партискиот лидер кој беше избран на кормилото на 30 јуни 2024. И на денот по изборите (20.10) партиската централа остана на тврдењето дека вкупниот број гласови покажува дека СДСМ ја намалува разликата во однос на ВМРО-ДПМНЕ, а ја зголемува во однос на ЗНАМ и држи стабилна предност пред Левица. „Ова јасно укажува дека вкупниот амбиент се менува“, рекоа од СДСМ.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар