Електронски попис во 2031: Сериозен тест за институциите
9 април 2026
Институциите во Македонија се мобилизираат за спроведување на првиот целосно електронски попис на населението, планиран за 2031 година. Деновиве надлежните институции ги соопштија првичните контури на тоа како ќе изгледа оваа обемна статистичка операција.
Државниот завод за статистика (ДЗС) и Министерството за дигитална трансформација работат на создавање услови пописот да се спроведе без теренски попишувачи, односно со користење административни извори. Тоа значи дека податоците ќе се извлекуваат од регистрите на институциите, наместо да се собираат теренски. И на последниот попис во 2021 година дел од податоците беа обезбедени од институционални бази, но на терен имаше попишувачи кои ги проверуваа информациите.
Пописот во 2030–2031 година усогласен со меѓународните стандарди
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и директорот на ДЗС, Дејан Станков деновиве потврдија дека постои можност следниот попис да биде целосно електронски.
„Согласно меѓународните стандарди и резолуцијата усвоена од Статистичката комисија на Обединетите нации, следниот глобален попис на населението е планиран за периодот 2030–2031 година“, истакна Станков.
Државниот завод за статистика веќе започнал подготовки за воспоставување статистички систем базиран на регистри, со цел пописот да се спроведе електронски, со методологија на користење административни извори.
Регистар на население и подобра статистика
Во таа насока, започнати се активности за воспоставување регистар на населението, во соработка со институциите кои располагаат со административни податоци, при што се оценува нивниот квалитет. Ваквиот регистар ќе овозможи не само електронски попис, туку и попрецизни годишни процени на населението, базирани на сите административни податоци – а не само на виталните статистики и миграцијата, кои што имаат одредени слабости.
Министерот Стефан Андоновски деновиве изјави дека дигиталниот попис е и политичка обврска на актуелната Влада. Тој потсети дека ВМРО-ДПМНЕ, како опозиција, имала сериозни забелешки за методологијата на пописот во 2021 година.
„Имаше сериозни пропусти – се попишуваа лица во странство кои не се резиденти на државата, па дури и пасоши. Тоа не смее да се повтори“, рече Андоновски. Според него, идниот попис мора да се базира на јасна методологија, со точни регистри и висока доверба во резултатите.
Пописот да биде деполитизиран
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, на брифинг со новинарите деновиве порача дека е најважно статистиката да биде кредибилна и деполитизирана. „Пописот е статистичка постапка според стандардите на Евростат. Колку помалку политизација, толку подобро“, изјави Гаши, додавајќи дека поддржува секое решение кое ја зголемува довербата кај граѓаните.
Тој се осврна и на фактот дека во идниот попис ќе биде опфатено само резидентното население, нагласувајќи дека таквите процеси треба да се гледаат објективно и професионално.
Последниот попис беше спроведен во 2021 година и на него беа преброени 1.836.713 лица како резидентно население, а како „нерезидентно население“, односно оние граѓани што се повеќе од 12 месеци во странство, беа попишани 260.606 лица.
Полемика за резидентино и нерезидентно население
Уставниот суд лани оцени дека директорот на Државниот завод за статистика ги пречекорил своите надлежности со воведување на оваа поделба на резидентно и нерезидентно население преку подзаконски акт, што не е предвидено во Законот за попис. Оваа категоризација е прогласена за неуставна и незаконска, бидејќи Законот не му дава овластување на директорот да ја дефинира на овој начин структурата на населението.
Државниот завод за статистика ќе ја земе предвид препораката на Уставниот суд и постапуваме во согласност со овие принципи. „Нема потреба од опфаќање на нерезидентното население затоа што целта на пописот е детерминација на резидентното население, односно населението што живее во државата, и тоа е и основна статистичка дефиниција“, вели Станков.
Според него, позната појава е дека населението што стекнува резидентен статус во странство не го одјавува својот резидентен статус во државата и тоа е една од главните слабости.
Вонреден попис, но не теренски, туку електронски, најави премиерот Христијан Мицкоскиод собраниска говорница на 27 јуни 2025 година, само еден ден откако Уставниот суд укина одредби од Методологијата за пописот спроведен во 2021 година, конкретно оние што се однесуваа на категоризацијата на населението на „резидентно“ и „нерезидентно“.
„Ви гарантирам дека со вкрстување на базите, 90 отсто од населението ќе го попишеме преку електронскиот попис, а само отприлика 10 проценти ќе треба теренски“, рече Мицкоски.
Опозицијата тогаш критикуваше дека електронскиот попис, каков што се предлага, не може да обезбеди прецизни податоци за местото на живеење на граѓаните, ниту пак да ја потврди нивната национална припадност. Тие предупредија дека со електронски попис постојат два клучни предизвици дека неточна географска распределба и отсуство на податок за националност се сериозни предизвици за валидноста на еден електронски попис.