САД и Западниот Балкан: повеќе бизнис, помалку демократија
26 мај 2026
Американската политика кон Западниот Балкан влегува во нова фаза. Најновиот извештај кој Стејт департментот го испрати до Конгресот покажува јасно поместување на приоритетите – од класичен пристап фокусиран на демократизација и институционално градење, кон стратегија заснована на економија, инфраструктура и директна заштита на американските интереси. Северна Македонија, во таа нова стратегија, сè повеќе се третира како партнер во бизнис и геостратегија, а сè помалку како проект на политичка трансформација.
Тоа се гледа и во споредбата на два јавно достапни документи: најновиот извештај, и сослушувањето во Конгресот за состојбата на Западниот Балкан од мај 2023 година.
Една од најсилните формулации во документот го дефинира овој пресврт на следниот начин: „Ерата на градење држави предводена од САД заврши. Американската политика... не е повеќе за спас или реконструкција, туку за стабилност и заемно корисни партнерства.“
Ова практично значи дека Вашингтон повеќе не гледа на регионот како на простор што мора да се стабилизира преку долгорочни реформи, туку како на простор каде треба да се изградат функционални партнерства што носат конкретни резултати.
Економијата во фокусот
Во овој нов пристап, економијата станува централна оска. Извештајот експлицитно нагласува дека САД имаат за цел „да се натпреваруваат за американските комерцијални интереси во регион кој нуди економски можности“. Дополнително, се потенцира дека администрацијата сака „да обезбеди фер и реципрочна трговија и да ги отстрани бариерите за американските компании“.
Документот потврдува дека се преговара за трговски договори со С. Македонија и Србија, кои ќе овозможат „невиден пристап за американските извозници до тој пазар“.
Паралелно со трговијата, инфраструктурата станува клучен геополитички канал. САД јасно наведуваат дека ќе „следат инвестиции во инфраструктурата во партнерство со американски компании“. Во тој контекст експлицитно се спомнува и Коридорот 8, каде Вашингтон сака да обезбеди „значаен придонес на американските фирми во стратешките инфраструктурни коридори“.
Инфраструктурата, според новата стратегијата на САД, се третира како средство со кое се конкурира на други влијанија (Кина, Русија), а не само како развоен проект.
Истото се однесува и на енергетиката. Извештајот нагласува дека диверзификацијата на снабдувањето, „вклучително и со изобилни американски енергетски ресурси, ја зајакнува стабилноста и просперитетот“. Се додава дека американскиот течен природен гас, нуклеарната технологија и обновливите извори нудат „комерцијално атрактивни“ решенија.
Русија и Кина како „малигно влијание“, ЕУ не се споменува
Извештајот ги дефинира и главните конкуренти. За Русија се вели дека „ги поттикнува етничките тензии, финансира дестабилизирачки актери и ја користи енергијата за притисок“.
За Кина, пак, се посочува дека го проширува влијанието преку „државно поддржани кредити, трговија, пропаганда и партнерства на високо ниво“, често користејќи непрозрачни практики.
Од друга страна, во документот видливо отсуствува споменување на ЕУ-интеграцијата на земјите од регионот и нема никакви референци за проширувањето, или политичката агенда на Брисел.
Опасноста од организираниот криминал
Во извештајот посебно се нагласува заканата од организираниот криминал, кој САД веќе не го гледаат само како регионален проблем, туку како директен ризик за нивната сопствена безбедност. Како што се наведува, „криминалните групи од Западниот Балкан претставуваат директна закана за националната безбедност на САД и за американската територија“, особено поради нивните врски со наркокартели и нелегални финансиски текови.