1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меморандум со САД за природен гас и нови проекти

8 април 2026

Стратешки дијалог Македонија-САД во Вашингтон со фокус на енергетика, безбедност, дигитализација и економска соработка.

https://p.dw.com/p/5Bq5Y
Знамиња на Македонија и САД
Стратешки дијалог Македонија–САД во Вашингтон со фокус на енергетика, безбедност, дигитализација и економска соработкаФотографија: Government of North Macedonia

Зајакнување на економската соработка со САД,унапредувањето на безбедносната и одбранбената соработка, дигитализацијата и енергетската стабилност беа во фокусот на средбите што македонската владина делегација ги оствари во Вашингтон. Во рамките на втората сесија од Стратешкиот дијалог со САД е потврдена определбата за продлабочување на стратешкото партнерство и реализација на конкретни проекти.

Во таа насока, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау, потпишаа меморандум за разбирање. Со документот се потврдува заедничката заложба за диверзификација на изворите и рутите за снабдување со природен гас, зголемување на отпорноста на енергетскиот систем, обезбедување стабилен и достапен гас за државата, јакнење на регионалната поврзаност и интеграција на пазарите.

„Вашингтон испраќа јасна порака - стратешкиот дијалог ја позиционира Македонија на ново ниво“ , вели министерката. 

Диверзифицирано и сигурно енергетско снабдување

Божиновска претходно имаше средба во „Chevron Corporation“ во Вашингтон, посветена на енергетската соработка и можностите за сигурно и диверзифицирано снабдување со нафта и течен природен гас (LNG).

Таа истакна дека Македонија е отворена за нови инвестиции и партнерства кои ќе придонесат за поголема стабилност, конкуренција и енергетска безбедност.

Муцунски: Стратешкиот дијалог ја зајакнува нашата меѓународна позиција

Стратешкиот дијалог со САД ја реафирмира улогата на Северна Македонија како кредибилен сојузник и партнер, вели министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, по започнувањето на втората сесија на Стратешкиот дијалог меѓу двете земји.

Сесијата заеднички ја отворија Муцунски и Брендан Ханрахан, висок претставник на Бирото за европски и евроазиски прашања при Стејт департментот. Муцунски оцени дека дијалогот претставува значаен формат за унапредување на билатералната соработка и потврда на силното сојузништво и стратешко партнерство.

Дигитализација и сајбер-безбедност – ново поле на соработка

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, кој е дел од делегацијата, информираше дека во рамки на Стратешкиот дијалог се разгледуваат можности за поддршка во развојот на напредни сајбер-капацитети и зајакнување на заштитата на клучните државни системи преку обуки, опрема и размена на експертиза.

Министерот за одбрана Владо Мисајловск, пак, нагласи дека партнерството со САД е клучно за трансформација и модернизација на одбранбените капацитети. Во моментов се активни 16 договори со САД за набавка на одбранбена опрема, а Владата е посветена на исполнување на НАТО-целите.

Преку Стратешкиот дијалог се обезбедуваат и конкретни резултати за МВР, вклучително и финансиска поддршка од над 3,5 милиони долари за јакнење на институционалните капацитети и унапредување на граничната и сајбер-безбедноста.