Самит на ЕПЗ: Во фокусот војните во Украина и во Иран
4 мај 2026
Осмиот самит на Европската политичка заедница (ЕПЗ) започна во ерменскиот главен град Ереван. На состанокот, повеќе од 40 шефови на држави и влади денеска планираат да разговараат, меѓу другото, за војните во Украина и во Иран. Состанокот е засенет од најновите најави од Соединетите Американски Држави за зголемување на царините за европски возила и намалување на воената поддршка за Европа.
ЕПЗ беше основана по руската инвазија врз Украина во 2022 година, со цел да се нагласи изолацијата на Русија. За разлика од Советот на Европа со своите 46 постојани членки, ЕПЗ се смета за неформална платформа за геостратешки прашања, дигитализација, енергија и клима. Дискусиите во потесниот круг играат значајна улога на состаноците на ЕПЗ.
За прв пат учествува и еден неевропски шеф на влада, канадскиот премиер Марк Карни. Германскиот канцелар Фридрих Мерц го откажа своето учество. Тој ќе биде претставен во Ереван од францускиот претседател Емануел Макрон.
Важна тема е руската агресорска војна во Украина и натамошната поддршка за Киев. Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе одржи говор во Ереван. Друга важна тема се глобалните последици од војната во Иран.
Најновите најави на американскиот претседател Доналд Трамп, исто така, ќе бидат теми на разговор. Тој минатата недела најави нови царини за автомобили од Европската Унија. Трамп, исто така, рече дека САД „значително ќе го намалат“ бројот на своите војници во Германија отколку што претходно објави Пентагон, односно 5.000. САД, исто така, како што е планирано, нема да распоредат крстосувачки ракети Томахавк во Германија, што го потврди и канцеларот Мерц.
Трамп повеќепати ги критикуваше европските сојузници за тоа што не им даваат доволна поддршка на САД во војната против Иран. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави во Ереван дека Европејците ја „слушнале“ пораката на Трамп и веќе ги засилуваат напорите за да бидат подготвени за „следната фаза“ од војната..