СДСМ нема да го поддржи законот за „Безбеден град“
21 јануари 2026
Десетина дена пред најавениот старт на проектот „Безбеден град“, опозициската СДСМ е децидна дека нема да го поддржи предлог-законот за прекршоци, кој е клучен за целосна имплементација на системот. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, истакна дека партијата не е против зголемување на безбедноста во сообраќајот, но дека нема да даде поддршка за „парцијално и недоволно регулирано воведување на системот“.
„Факт е дека токму СДСМ го започна проектот ‘Безбеден град’. Ние сме за безбедност во сообраќајот, но исто така сме и за безбедност на личните податоци – нешто што актуелната власт ниту го коментира, ниту се обидува сериозно да го регулира“, изјави Филипче на прес-конференција.
Тој додаде дека партијата нема да поддржи закон во кој не се уредени клучни аспекти, како што е управувањето со големата база на лични податоци и јасните механизми за нивна контрола и заштита.
„Ние сме конструктивна опозиција, но не сме контролирана опозиција. Видовме дека се прават политички договори, но ќе видиме каков ќе биде крајниот резултат од тие пазари“, нагласи Филипче.
За усвојување на законските измени е потребно двотретинско мнозинство во Собранието. Од ДУИ веќе најавија дека ќе дадат поддршка за проектот „Безбеден град“, кој, според најавите, треба да започне наскоро. Во моментов, системот се тестира преку пробни проверки на улиците во Скопје.
Тошковски: Безбедноста во сообраќајот мора да биде приоритет
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изрази жалење што СДСМ нема да го поддржи законот, оценувајќи дека безбедноста на граѓаните во сообраќајот и заштитата на човечките животи треба да бидат надпартиски приоритет.
„Навистина ми е жал што не дадоа поддршка за овој проект. Ако безбедноста на граѓаните и заштитата на човечките животи не им се приоритет, тогаш навистина не знам што би било“, изјави министерот во гостување во централниот Дневник на ТВ Сител.
Тошковски посочи дека прашањата за кои СДСМ сега реагира, се применувале и во периодот кога партијата била на власт.
„Од аспект на користење на лични податоци, бази на податоци, снимки и следење на возила, вакви активности се спроведуваа и во изминатите осум години. Но тогаш не беше направен сериозен обид тие да се усогласат со Законот за заштита на личните податоци“, рече Тошковски.
Од 1 февруари – казни за четири прекршоци
Системот „Безбеден град“ се очекува да започне со примена од 1 февруари.Со неговото воведување ќе се санкционираат четири сообраќајни прекршоци:пречекорување на дозволената брзина, поминување на црвено светло, неправилно запирање и паркирање и управување нерегистрирано возило.
По констатирањето на прекршокот, МВР ќе биде обврзано да им достави докази на граѓаните, со цел да се потврди дека прекршокот навистина е сторен.
Плаќање казни со попуст и преку нова апликација
Граѓаните, по добивање на известување по телефон или електронска пошта, ќе имаат можност во рок од осум дена да платат половина од износот на предвидената казна. Во случаите каде што е предвидена забрана за управување моторно возило, доколку казната се плати во рок од осум или 16 дена, забраната ќе се изрече во половина од законски утврдениот минимум.
Казните ќе може да се плаќаат во банка, во најблиската полициска станица, преку електронските апликации на банките, како и преку специјална апликација на МВР, која ќе има засилени безбедносни механизми за заштита на податоците.