СДСМ со кадровски промени пред конгресот во јуни
26 март 2026
Кадровски промени во опозициската СДСМ пред партискиот конгрес што ќе се одржи во јуни. На седница на Централниот одбор, партијата избра нови членови на раководните тела. Во Централниот и Извршниот одбор влегоа Соња Стаменкова, Слободан Чокревски, Богданка Кузеска, Тања Илијовска и Рубин Земон.
За меѓународен секретар е именуван Андреј Жерновски, а Зоран Трифуновски е избран за втор организациски секретар. Дополнително, партијата распиша оглас за избор на претседател на Форумот на пензионери.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ја презентираше новата предлог-платформа од која ќе произлезе новата програма на партијата. „Преку инклузивен процес и широка дебата со членството и граѓаните ќе биде подготвена финалната верзија на програмата, која ќе биде презентирана и усвоена на програмскиот конгрес на СДСМ“, соопштија од партијата.
Крајната верзија на документот ќе биде усвоена на Конгресот на 7 јуни.
Филипче: нема да дозволам нови поделби во партијата
По исклучувањето на поранешниот скопски градоначалник Петре Шилегов и медиумските најави за создавање ДОС – платформа за обединување на критичкото опозициско крило, Филипче изјави дека нема да дозволи нови поделби.
„Фокусот останува на подготовката на новата програма што ќе биде усвоена на конгресот во јуни“, изјави Филипче во „Топ Тема“ на Телма. Тој ги отфрли иницијативите за превирања како неосновани и потенцира дека нема да толерира структури кои работат во интерес на власта.
„Нема да дозволам втор ЗНАМ. Не можеме да дозволиме отцепување во момент кога излегуваме со силна критика на власта и разоткриваме нивни криминални дејства“, рече тој.
Според него, иницијативите што кружат во јавноста немаат сериозна основа: „Тоа се кафеански муабети и непотпишани писма без конкретни аргументи“.
Нови политики и подготовка на програмата
За предлог-програмата што ја презентира пред Централниот одбор, Филипче истакна дека таа ги содржи идните политики и мерки на СДСМ за граѓаните. Основата доаѓа од стручните комисии, а процесот ќе заврши на 7 јуни.
Ден претходно, СДСМ ќе биде домаќин на меѓународниот состанок „Скопска иницијатива“ со сестринските партии од регионот, посветен на заедничка платформа за борба против авторитарни режими, корупција и за забрзување на евроинтеграциите. Идејата е да се потпише декларација за европска интеграција, борба против корупцијата и спротивставување на авторитарни режими.