1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп ја нарече Мелони „неприфатлива“

СН/агенции | АРД
15 април 2026

Италијанската премиерка Мелони досега важеше за политичарка која има добри односи со претседателот на САД. Но, по неговата критика кон папата, таа се осмели јасно да му се спротивстави. Сега Трамп е „шокиран“ од неа.

https://p.dw.com/p/5CBJo
Американскиот претседател Доналд Трамп и покажува нешто на  италијанската премиерка Џорџа Мелони. Пред нив лево се гледа знамето на САД.
Крај на едно пријателство? Американскиот претседател Доналд Трамп и италијанската премиерка Џорџа МелониФотографија: WIN MCNAMEE/Getty Images via AFP

По вербалните напади на Доналд Трамп врз папата Лав XIV, американскиот претседател сега ја нападна и премиерката на Италија, Џорџа Мелони. „Таа е таа што е неприфатлива, затоа што не ѝ е гајле дали Иран има нуклеарно оружје и што Италија за две минути би ја кренал во воздух доколку има можност за тоа“, изјави Трамп за весникот Кориере дела Сера. Претходно, Мелони ја нарече неговата остра критика за папата „неприфатлива“.

За папата, Трамп тврдеше дека води „ужасна“ надворешна политика. Тој напиша на платформата Трут Соушл дека не сака папа кој смета дека е во ред Иран да поседува нуклеарно оружје. Очигледно, папата Лав со своите апели за прекин на актуелните војни го навлекол гневот на Белата куќа. Подоцна Лав јасно стави до знаење дека нема да дозволи да биде заплашен.

Папата Лав Четиринаесетти се обраќа од говорница
Во фокусот на раздорот меу Трамп и Мелони: Папата Лав ЧетиринаесеттиФотографија: Guglielmo Mangiapane/REUTERS

Трамп: „Јас сум шокиран од неа“

Трамп, според наводите на Кориере дела Сера, во телефонското интервју изразил целосно разочарување од Мелони. „Јас сум шокиран од неа. Мислев дека има храброст. Се излажав“, рече тој. Тој ѝ замерува дека „воопшто не помага за обезбедување нафта“, алудирајќи на конфликтот со Иран. Не можел да си замисли дека тоа им се допаѓа на Италијанците. 

Трамп постојано ги критикува меѓународните партнери што не се вклучуваат поактивно во војната со Иран. Меѓу спорните точки беа, меѓу другото, користењето на воени бази, како и мисијата за отворање на Ормускиот теснец.

Италија им одбива да им помогне на САД во војната со Иран

Мелони, од своја страна, уште од самиот почеток ја отфрли италијанската вклученост во војната со Иран. Неодамна Италија им одби и на американските авиони слетување на еден воен објект на медитеранскиот остров Сицилија.

Премиерката на Италија во Европа важи за една од шефиците на влади кои имаат добри односи со Трамп. Мелони повеќепати се обидуваше да дејствува како мост меѓу ЕУ и администрацијата на Трамп. Трамп, пак, повеќепати ја пофали политичарката, нарекувајќи ја, меѓу другото, „неверојатна“ и „многу успешна политичарка“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи