1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп ја разреши спорната министерка за внатрешна безбедност

СН/агенции
6 март 2026

Таа важеше за лојална поддржувачка на Трамп, но во последно време односите меѓу нив сѐ повеќе се заладуваа. Сега американскиот претседател пресече и ја отпушти Кристи Ноем, која беше изложена на бројни критики.

https://p.dw.com/p/59tS4
Министерката за внатрешна безбедност на САД, Кристи Ноем говори во микрофон. Зад неа се гледаат две знамиња
Кристи Ноем е првиот член на кабинетот на Трамп кој ја напушта функцијата откако тој се врати на функцијата пред малку повеќе од една година. Фотографија: Alex Brandon/AP Photo/picture alliance

Неколку недели по смртоносните истрели на агенти на имиграциската служба ИЦЕ врз двајца американски државјани во Минеаполис, претседателот Доналд Трамп ја менува својата министерка за внатрешна безбедност Кристи Ноем. Педесет и четиригодишната Ноем треба да ја наследи поранешниот ММА борец и републикански сенатор Марквејн Малин, како што објави Трамп во четвртокот. Ноем е силен поддржувач на масовните депортации на Трамп. По настаните во Минеаполис во јануари, таа се соочи со барања за нејзина оставка.

Ноем е првиот член на кабинетот на Трамп кој ја напушта функцијата откако тој се врати на функцијата пред малку повеќе од една година. Телевизијата Фокс њуз, блиска до Трамп, објави, повикувајќи се на анонимен извор, дека поранешната гувернерка на Јужна Дакота ќе биде сменета поради „комбинација од многу несреќни грешки во раководењето“. 

Спорните акции на ИЦЕ во Минеаполис

Интервенцијата на имиграциската служба ИЦЕ во Минеаполис предизвика згрозување и протести ширум САД. Прво, невооружената возачка Рене Гуд беше убиена од смртоносни истрели од членовите на Ноема, а потоа и болничарот Алекс Прети. Бидејќи министерката за внатрешна безбедност ги поврза овие двајца американски државјани со „домашен тероризам“, таа од средата мораше да одговара на непријатни прашања во Конгресот - и од републиканците.  

Девојка плаче и во крената рака држи бел транспарент на кој пишува: „Престанете да не убивате“
Престанете да не убивате: Во Минеаполис имаше масовни протести против бескрупулозните акции на ИЦЕ во кои смртно застрелани беа двајца американски државјаниФотографија: Jon Putman/Anadolu/picture alliance

Конзервативниот сенатор Том Тилис ѝ пореча на Ноем: „Она што го доживеавме под ваше водство е катастрофа“. Критики предизвика и рекламна кампања вредна околу 200 милиони долари, која многу пратеници ја сметаа за чиста ПР акција во корист на Ноем.

Трамп потоа пресече. На својата платформа Трут соушал објави дека републиканскиот сенатор Малин од Оклахома треба да ја преземе функцијата од Ноем на 31 март. Трамп напиша дека Малин би бил „спектакуларен министер за внатрешна безбедност“. Овој 48-годишник е единствениот сенатор со староседелско потекло и со тоа „извонреден застапник на нашите големи племенски заедници“. Ако Малин ја преземе функцијата трајно, Сенатот ќе мора да даде согласност.

Ноем му се заблагодари на Трамп

Меѓутоа, крајот на масовните депортации не е на повидок. Според анкетите, мнозинството американски граѓани сè уште го поддржуваат тој курс, иако претерано бруталните ексцеси предизвикаа критики. Според сопствените податоци, Министерството за внатрешна безбедност депортирало повеќе од 675.000 луѓе минатата година. Околу 2,2 милиони „нелегални странци“ доброволно ги напуштиле САД, се наведува.

Ноем му се заблагодари на Трамп за нејзината нова позиција - таа ќе биде специјален пратеник на новата безбедносна иницијатива „Штитот на Америка“. На платформата X, Ноем напиша дека во таа улога ќе „разбива картели кои ја преплавија нашата земја со дрога и ги убија нашите деца и внуци“. Трамп планира да ја претстави иницијативата во сабота на самитот со латиноамериканските сојузници во Флорида.