1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп повторно со закана за излез од НАТО

ЖА / агенции
1 април 2026

Трамп повторно го доведе во прашање членството на САД во НАТО, нарекувајќи ја Алијансата „хартиен тигар“ и најавувајќи преиспитување по крајот на војната со Иран.

https://p.dw.com/p/5BUln
Американскиот претседател Доналд Трамп
Трамп: НАТО стана „хартиен тигар“Фотографија: Alex Brandon/AP Photo/picture alliance

Американскиот претседател  Доналд Трамп  повторно го стави под знак прашање членството на САД во НАТО, оценувајќи ја Алијансата како „хартиен тигар“. Во интервју за британскиот „Телеграф“, Трамп изјави дека по завршувањето на војната со Иран „речиси и да нема дилема“ дека ќе мора да се преиспита американското присуство во НАТО.

Сличен став изнесе и  американскиот државен секретар Марко Рубио.  Во разговор за телевизијата „Фокс њуз“, тој нагласи дека  САД ќе бидат принудени да го ревидираат  односот со Алијансата. „За жал, нема дилема дека по окончувањето на овој конфликт ќе треба да ја преоцениме оваа врска“, изјави Рубио, според транскриптот на Стејт департментот. Тој додаде дека конечната одлука ќе ја донесе претседателот: „И тој ќе мора да ја донесе.“

Остра критика кон европските сојузници

Според „Телеграф“, Трамп во разговорот изразил „задоволство“ што Рубио јавно ги повторил овие ставови. Американската влада со недели ја критикува, според нејзината оценка,  недоволната поддршка што НАТО-партнерите  ја даваат за време на војната со Иран.

Вашингтон особено е револтиран поради ограничената употреба на европските бази и, како што тврди, недоволната поддршка во кризата околу стратешки важниот Ормуски Теснец, клучен за светската економија.

Еден од основните столбови на  НАТО е обврската за заеднички одговор во случај на напад – член 5. Но актуелниот конфликт со Иран, започнат од САД и Израел, не е опфатен со тој механизам на колективна одбрана.