1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп кај Ши: Кина очекува поголема стабилност во светот

ЖА / агенции
11 мај 2026

Кина очекува стабилност во светот од посетата на Трамп, додека САД најавуваат притисок врз Пекинг во врска со Иран и постигнување нови договори.

https://p.dw.com/p/5DaH1
Aмериканскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот лидер Ши Џинпинг во 2025 година во Јужна Кореја
Освен безбедносните прашања, Трамп има намера да разговара со Ши и за низа клучни економски темиФотографија: Andrew Caballero-Reynolds/AFP/Getty Images

Кина се надева дека претстојната посета на американскиот претседател  Доналд Трамп  на кинескиот лидер Ши Џинпинг ќе придонесе за „поголема стабилност“ во светот, соопштија официјални претставници од Пекинг.

„Кина е подготвена, во духот на еднаквост, почит и заемна корист, заедно со  Соединетите Американски Држави  да ја продлабочи соработката, да ги надмине разликите и да придонесе за поголема стабилност и безбедност во нестабилниот и меѓусебно поврзан свет“, изјави во понеделник портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џијакин.

Претходно, Министерството за надворешни работи во Пекинг информираше дека Трамп, на покана на  Ши Џинпинг,  ќе престојува во Кина од 13 до 15 мај во рамки на државна посета.

Притисок врз Кина поради Иран

Висок претставник на американската администрација, во изјава за новинарите во неделата, посочи дека се очекува Трамп за време на посетата да изврши притисок врз кинескиот лидер во врска со војната во Иран.

Кина, според достапните информации, е  вклучена во дипломатските напори  за решавање на конфликтот и веќе  одиграла значајна улога во преговорите за евентуален прекин на огнот.

Трговија, ретки метали и економска соработка

Освен безбедносните прашања, Трамп има намера да разговара со Ши и за низа клучни економски теми, меѓу кои трговијата, снабдувањето со ретки метали и други стратешки области.

Според најавите, американскиот претседател планира во Пекинг да отпатува во придружба на директори на големи компании како „Епл“ и „Боинг“, кои се заинтересирани за проширување на бизнисот на кинескиот пазар.

Во меѓувреме, трговскиот спор меѓу двете најголеми светски економии е во фаза на привремено затишје, по договорот што Трамп и Ши го постигнаа во октомври во Јужна Кореја.