Вадефул: Унгарија ја предава Украина
23 февруари 2026
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул остро ја критикуваше Унгарија поради нејзината блокада на дополнителната финансиска помош на Европската Унија за Украина, обвинувајќи ја владата во Будимпешта за предавство.
„Изненаден сум од унгарската позиција", изјави Јохан Вадефул во понеделник (23.02) пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел. Тој најави дека ќе се разговара со унгарските колеги и потенцираше: „Не верувам дека е исправно Унгарија да се откаже од сопствената борба за слобода и за европскиот суверенитет.“
Непосредно пред четвртата годишнина од почетокот на руската агресорска војна против Украина, министрите за надворешни работи на ЕУ се состануваат во Брисел. Се очекува и украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха да учествува преку видео врска. Меѓу другото, ќе се разговара за можни понатамошни санкции против Русија.
Унгарија ги блокира кредитот за Украина и новите санкции против Русија
Унгарија на чело со премиерот Виктор Орбан го блокира планираниот ЕУ-кредит за Украина во износ од 90 милијарди евра и одбива да го поддржи 20. пакет санкции против Русија. И Словачка ја поддржува оваа позиција.
Причината за блокадата е спорот околу нафтоводот „Дружба“, преку кој двете земји добиваат руска нафта. Цевководот што минува низ Украина е прекинат од 27 јануари. Киев тврдеше дека прекинот е последица на оштетена пумпна станица во западна Украина по руски напад со дронови. Унгарија и Словачка, пак, ја обвинуваат Украина за стопирањето на протокот.
Критики од ЕУ: Недостиг на солидарност и „политичка инструментализација“
Високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, пред почетокот на состаноците во Брисел изрази песимизам дека конфликтот наскоро ќе се реши.
Остра критика стигна и од Полска. Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски ја обвини Унгарија за „шокантен недостаток на солидарност со Украина“. Според него, унгарската влада преку државна пропаганда создава непријателство кон соседната земја за политички поени во изборните кампањи.
„Очекував многу поголема солидарност од Унгарија“, изјави Сикорски во Брисел.
Литванскиот министер за надворешни работи Кестутис Будрис изрази „огромно разочарување“ од ситуацијата.