1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата на Мерц и Западен Балкан – пропуштена година?

Ненад Крајцер
6 мај 2026

Владата на Мерц добива поразителни оценки по првата година на власт. Што е со сегментот на надворешната политика кој се однесува на Западен Балкан? Одговорите варираат во зависност од тоа кого ќе прашате во Берлин.

https://p.dw.com/p/5DLLD
Белгија, Брисел 2025 | Фридрих Мерц и Еди Рама на семејната фотографија од самитот ЕУ-Западен Балкан
Дали првата година од работата на владата на Мерц е пропуштена година за Западен Балкан? Одговорот е различен во зависност од соговорниците во БерлинФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Една година по стапувањето на должност на владата на канцеларот Фридрих Мерц (ЦДУ), големото мнозинство граѓани на Германија е незадоволно од нејзината работа. Но, во тие истражувања доминираат прашања поврзани со внатрешната политика. Надворешната политика тука не игра значајна улога.

Притоа, токму како и претходната влада на Олаф Шолц (СПД), и оваа – пред сè поради руската агресија врз Украина – се соочува со бројни надворешнополитички предизвици. Кон тоа треба да се додадат и долготрајните кризи на Блискиот Исток, кои, особено најновата, иранска, во засилена мера ја погодуваат и Европа, а со тоа и Германија, најголемата економија на Стариот континент.

Лош сигнал – укинување на функцијата специјален пратеник за Балканот

Во морето од егзистенцијални предизвици, германската јавност малку се интересира за односот на Берлин кон земјите од Западниот Балкан. На набљудувачите на односите на Берлин кон регионот на Југоисточна Европа, веднаш по стапувањето на должност, им падна в очи дека новата влада ја укинува функцијата специјален пратеник за Западен Балкан, која беше воведена од претходниот кабинет. Таа улога ја извршуваше политичарот од Зелените, Мануел Сарацин, и за време на неговите активности регионот редовно се наоѓаше високо на листата приоритети на германската надворешна политика. За тоа сведочат и бројните договори потпишани во тој период во рамките на Берлинскиот процес.

Новата влада ја укина оваа функција со образложение дека станува збор за мерки на штедење кои се спроведуваат во сите министерства, па така и во Министерството за надворешни работи. Но новата функција и онака не би се вклопувала во новиот концепт на креирање на германската надворешна политика, кој по многу години повторно се најде во рацете на една партија. Надворешната политика сега е заеднички проект на Кабинетот на канцеларот и Министерството за надворешни работи, на чие чело дојде близок соработник на Мерц и партиски колега од Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Јохан Вадефул.

Велика Британија – Белфаст 2025 | Јохан Вадефул пред состанокот на министрите за надворешни работи на Западен Балкан
Турнејата на министерот за надворешни работи, Јохан Вадефул, на Западниот Балкан, се обиде да ги разбиe стравувањата во однос на континуитетот на политиката на Берлин кон регионотФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Политика на континуитет?

Иако на самиот почеток новата влада со укинувањето на функцијата специјален пратеник предизвика скепса во однос на континуитетот на политиката кон Западниот Балкан, турнејата на новиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, низ регионот, се обиде да ги разбиe тие стравувања. Пeтер Бајер, пратеник од владејачката ЦДУ и член на Комисијата за надворешна политика во Бундестагот, смета дека владата на Фридрих Мерц и понатаму го задржала Западниот Балкан во центарот на своите надворешнополитички приоритети.

„Соjузната влада во првата година од мандатот на Фридрих Мерц ја продолжи политиката кон Западниот Балкан од претходните години и со важната посета на министерот за надворешни работи на сите шест држави од Западниот Балкан јасно го истакна стратешкото значење на регионот. Токму во светло на геополитичките тензии, особено поради руското влијание, Западниот Балкан е во фокусот на германската надворешна политика повеќе од кога било и ужива висок приоритет“, оценува Бајер во изјава за ДВ.

Сепак, тој инсистира дека не станува збор само за континуитет на политиката на претходната влада, во која ги немаше неговите демохристијани, туку за политика чија основа ја постави демохристијанската канцеларка Ангела Меркел, создавајќи ги темелите на Берлинскиот процес.

Германија, Берлин | Петер Бајер
Петер Бајер (ЦДУ): Со посетата на министерот за надворешни работи на сите земји од Западен Балкан, владата јасно го нагласи стратешкоото значење на регионотФотографија: DW/A. Shuka

Берлин без водечка улога

Колегата пратеник на Бајер, но од Социјалдемократската партија на Германија (СПД), Адис Ахметовиќ, смета дека со својата поддршка за земјите од регионот на патот кон Европската унија, Германија мора да создаде услови за целосна интеграција во евроатлантскиот систем на вредности.

„Останува јасната определба според која шесте држави од Западниот Балкан ги гледаме како составен дел од ЕУ. Поради тоа, посебно ја поддржуваме Црна Гора и Албанија како т.н. предводници во тој процес. Но, да бидеме искрени, интеграцијата на тие земји во ЕУ мора да се забрза со оглед на геополитичките предизвици. Европа, во време на глобално растечки протекционизам и национализам, мора да покаже дека има сила да се надмине самата себе и да ја прошири ЕУ. За тоа се залага оваа сојузна влада“, вели Ахметовиќ во разговор за ДВ.

Интервју на ДВ со Адис Ахметовиќ
Адис Ахметовиќ (СПД): Останува јасната определба дека ги гледаме шесте земји од Западен Балкан како составен дел од ЕУФотографија: DW

Сепак, аналитичарите се поскептични од пратениците на владејачките партии. Марина Вуловиќ од фондацијата „Наука и политика“ од Берлин, на пример, говори за „трезвен курс“.

„Германија, додуша, јасно се определи за европската перспектива на регионот, но најчесто реагира на надворешни импулси, на пример иницијативи на Европската Комисија или геополитичкиот контекст – наместо самата да преземе водечка улога. Додека министерот за надворешни работи со својата тридневна турнеја низ шесте земји покажа поголем ангажман на Западниот Балкан, канцеларот во своите изјави останува повнимателен“, оценува Вуловиќ.

АфД: Западниот Балкан е важен за Германија и за Европа

Изненадувачки позитивно мислење за првите 12 месеци од политиката на владата на Фридрих Мерц кон Западниот Балкан доаѓа од редовите на опозициската, десничарска Алтернатива за Германија (АфД), партија која по правило застапува ставови дијаметрално спротивни од владејачката коалиција.

„Според мое мислење, билансот на сојузната влада под Фридрих Мерц кон државите од Западниот Балкан по една година е мешан. Од една страна, треба да се каже дека регионот политички не исчезна целосно од видното поле. Дипломатските иницијативи беа продолжени, се водеа разговори во рамките на Берлинскиот процес, а забележани се и поединечни напредоци во одредени чекори на интеграцијата во Европската Унија. Токму со оглед на стабилноста во Југоисточна Европа, Западниот Балкан останува безбедносно-политички релевантен простор за Германија и Европа“, оценува на прашање на ДВ Саша Ленцинг, пратеник на АфД и член на Германско-јужноевропската парламентарна група.

Германија, Берлин 2024 | Знамиња на земјите учеснички Самитот на процесот на Западен Балкан
Знамиња на земјите-членки на Берлинскиот процес, кој беше лансиран кога на чело на германската влада беше Ангела Меркел Фотографија: Stefan Boness/IPON/picture alliance

Сепак, и тој заклучува дека Германија би морала да преземе водечка улога, а не само да реагира на кризи или иницијативи од Брисел. „Кога станува збор за Западниот Балкан, на Германија ѝ недостига јасна стратешка линија“, заклучува Ленцинг, пратеник од најбројната опозициска пратеничка група во Бундестагот.

Недостаток на јасна поддршка за реформските сили

Борис Мијатовиќ, известувач на опозициската партија Зелени, главно негативно го оценува досегашниот учинок на владата на Фридрих Мерц на Западниот Балкан. Притоа, како што вели за ДВ, токму на земји како Црна Гора, но и Албанија и Северна Македонија, итно им е потребна политичка поддршка од германската влада во спроведувањето на неопходните реформи.

Мијатовиќ, кој често го посетува регионот, смета дека германската влада не покажува доволно острина кон сè посилните сили кои ги влечат земјите од регионот наназад.

„Премалку внимание во надворешната политика на (владејачката) коалиција ѝ се посветува на фактот дека во Србија, како и во Босна и Херцеговина, авторитарни политичари поттикнуваат антидемократски, а со тоа и антиевропски ставови. Протестите во Србија сојузната (германска) влада досега јавно исто така малку ги забележува, исто како и исклучително кревката политичка состојба во ентитетот Република Српска во Босна и Херцеговина. Тука е потребен политички притисок од Германија за тие две земји да не лизгаат понатаму надолу“, заклучува Мијатовиќ.

Германија, Берлин 2025 | Борис Мијатовиќ во Бундестагот
Борис Мијатовиќ (Зелени): Премалку внимание се посветува на фактот дека во Србија, како и во Босна и Херцеговина, авторитарните политичари поттикнуваат антидемократски, а со тоа и антиевропски ставовиФотографија: dts-Agentur/picture alliance

Никола Ксавијереф од Германското друштво за надворешна политика (ДГАП) исто така смета дека владата на Мерц во првата година не се потрудила да даде нови импулси – „ниту билатерално ниту во процесот на проширување“. Единствен исклучок, вели тој за ДВ, е „симболичната поддршка“ за најверојатната нова членка – Црна Гора.

„Германската политика номинално го вбројува Западниот Балкан меѓу своите четири или пет приоритети, но не покажа на кој начин тоа се преведува во политика на терен: нема пораки кон Србија, нема никакво водство во напорите за забрзување и редефинирање на моделот на проширување на ЕУ, нема нова рекалибрација кон регионот во кој САД го менуваат нормативниот пристап кон економијата и, на крајот, во извесна мера отстапуваат од промоција на либерални решенија за Босна и Херцеговина и Косово“, заклучува Ксавијереф.