Вадефул на Западниот Балкан: „Патување со празни куфери“
19 ноември 2025
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул ја заврши својата турнеја низ шест земји на Западен Балкан со јасна порака: Германијае подготвена да помогне, но реформите се клучни.
„Пристапувањето е напорен процес, но вреди да се истрае“, рече Вадефул во Тирана, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ).
Извештајот на Европската комисија покажува големи разлики меѓу кандидатите: дури и водечките – Црна Гора и Албанија – имаат многу работа. Србија речиси не се движи напред, а Косово сè уште не е признаено од сите членки на ЕУ.
Сепак, на Балканот знаат дека европските министри, колку и да се блиски со своите премиери, во најважното прашање се „патувачки трговци со празни куфери“. „Перспективата за членство, спротивно на реториката, веќе не се сфаќа сериозно од сите", пишува ФАЦ.
Северна Македонија – симбол на изгубена доверба
Најјасно разочарувањето се гледа во Северна Македонија каде Вадефул ја заврши својата западнобалканска турнеја во вторникот навечер. Земјата го смени името за да го деблокира процесот, но повторно беше блокирана – прво од Франција, потоа од Бугарија.
„Сега се бара нова уставна промена: бугарското малцинство да биде внесено како државотворен народ. Во Скопје стравуваат дека ова е само почеток на лавина барања што би го одложиле членството во далечна иднина", пишува ФАЦ.
НЦЦ: Решението е во „реалполитика“
„Кој верува дека Европската Унија може да ја стабилизира својата соседна зона без да ја интегрира политички, греши“, предупредува швајцарскиот Ноје Цирхер Цајтунг (НЦЦ).
Ова лето остави горчлив вкус: национализмот повторно е во подем во сите шест држави на Западен Балкан. „Три децении по Сребреница и четврт век по војните, регионот повторно тоне во идентитетски наративи, а Европа гледа од страна", пишува НЦЦ.
Решението? Реалполитика: постепена интеграција наместо „сè или ништо“. „Пристап до единствениот пазар, фондови и политики пред целосно членство, институционални реформи во ЕУ – барем привремено укинување на правото на вето за нови членки, одлуки со мнозинство, засилен буџет. Инаку секое проширување останува илузија", нагласува НЦЦ.
„Нестабилен Западен Балкан значи нестабилна Европа – со сите последици за миграцијата, безбедноста и економијата", пишува НЦЦ.
Србија – најголем предизвик за ЕУ
За ЕУ, интеграцијата на Западен Балкан носи ризици: економска слабост, корупција и назадување во правата на жените и малцинствата. „Во Брисел многумина сметаат дека пристапувањето на Романија и Бугарија беше пребрзо, па сега се постапува попретпазливо", пишува Тагесцајтунг.
Србија е најголем проблем: само 38% од населението го поддржува членството, земјата е анти-НАТО ориентирана и блиска до Русија, а претседателот Александар Вучиќ владее автократски. „Ако се внесе таква земја во ЕУ, тоа веројатно ќе доведе до уште поголеми проблеми отколку со Унгарија", предупредува ТАЦ.
Сепак, масовните протести против Вучиќ, иницирани од младите, се гледаат како шанса за промена. „Потребно е јасно ‘да’ дека овие земји ќе припаѓаат на ЕУ. Но и решителен став кон Вучиќ. Политичарите од ЕУ, како Вадефул, мораат постојано да даваат до знаење: ‘Постоиме само со нашите вредности’", пишува ТАЦ.