1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Влијанието на Иран во БиХ – мека моќ и безбедносни ризици

Драган Максимовиќ
17 јануари 2026

Политичките и културните врски на БиХ со Иран траат со децении, но актуелните настани ги покажаа потенцијалните ризици од ваквите врски за евроатлантскиот курс на земјата. Врските датираат уште од времето на војната.

https://p.dw.com/p/56z6z
Босна и Херцеговина Сараево 2025 | Старото градско јадро од птичја перспектива
Босна и Херцеговина тежнее кон ЕУ и НАТО интеграција, меѓутоа, одредени контакти, како со Иран, создаваат напнатост со клучните партнери (фото: Сараево)Фотографија: Faruk Osmanović

Босна и Херцеговина (БиХ) и Исламска Република Иран одржуваат односи кои досегаат длабоко во 1990-тите, кога Техеран стана значаен снабдувач на оружје за Армијата на БиХ во услови на ембарго на ОН.

Денес тие врски продолжуваат преку културни центри, академски проекти и политички контакти, но под будното око на Западот. И додека се потсетува на иранската хуманитарна помош од воените денови, останува прашањето колку тие историски нишки ја обликуваат денешната реалност.

Најава за воена соработка

Приказната за иранскиот ангажман во БиХ започнува во 1994 година, кога пратки од неколку илјади тони оружје тргнаа од Техеран преку хрватските пристаништа кон Сараево. Питер Галбрајт, тогашен американски амбасадор во Загреб, во своите мемоари Due Diligence опишува како администрацијата на тогашниот американски претседател Бил Клинтон, наместо самата да испрати помош, му дозволила на Иран да го пополни вакуумот, испраќајќи му сигнал на хрватскиот претседател Фрањо Туѓман дека на прашањата за пратките „нема инструкции“. Единици од Иранската револуционерна гарда го следеле товарот, обучувајќи борци и оставајќи трага што и денес се чувствува во реторичките потсетници на босанските функционери.

Тие испораки не биле само логистичка помош, туку воспоставиле и мрежа на доверба која се користи и денес. Зукан Хелез, министер за одбрана на БиХ, минатата година го прими иранскиот воен аташе и отворено најави:

„Ќе правиме сè за да се зајакне воената соработка“, повикувајќи се токму на воената солидарност која „никогаш нема да ја заборавиме“.

„Не се исклучува можноста за прекин на соработката и воведување санкции за Хелез во случај на соработка со Иран“, беше интерпретацијата на американската реакција што тогаш ја пренесе Хелез, нагласувајќи ја и пораката дека каква било соработка со Иран во рамките на Оружените сили на БиХ е неспоива со стратешкото партнерство САД–БиХ и евроатлантскиот пат. Брзата американска реакција – предупредување и извинување на Хелез за „погрешната интерпретација“ – само потврдува дека воената епизода не е заборавена.

Босна и Херцеговина Сараево 2024 | Интервју со министерот за одбрана Зукан Хелез
„Ќе направиме сè за да ја зајакнеме воената соработка“, рече Зукан ХелезФотографија: Samir Jordamovic/Anadolu Agency/picture alliance

Дипломатска нишка

Како „партнер и пријател“ што го поддржува територијалниот интегритет на БиХ, Иран повеќепати го истакнуваше поранешната министерка за надворешни работи, Бисера Турковиќ. На состанок со иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдoлахијан во 2022 година, среде бурните протести во Техеран, Турковиќ ги нагласи економските можности и дијалогот, иако политичките претставници на босанско-херцеговските Срби и Хрвати го бојкотираа настанот поради прашања за човекови права.

Таквиот пристап одразува поширок образец во кој иранските контакти се претставуваат како прагматични, без подлабока рефлексија за контекстот во кој Техеран дејствува под санкции.

Овие средби не се само билатерални гестови – тие се случуваат во моменти кога ЕУ разгледува означување на Револуционерната гарда како терористичка организација, а САД ги заоструваат ограничувањата. Прашањето е колку таквите интеракции ја зајакнуваат перцепцијата дека БиХ е простор каде Иран може да ја заобиколува изолацијата.

„Постојат врски преку невладини организации кои дистрибуираат пари преку екстремни организации. Имаат ограноци кои одат кон шиитскиот ислам, како и кон секуларниот. Значи, се работи на повеќе фронтови, но сè е засновано на религиска основа. Можно е, зависно од случувањата во Иран, да има влијание и во БиХ“, вели директорот на Центарот за меѓународни односи Милош Шолаја, кој смета дека политичката струја во БиХ сепак ќе биде воздржана поради можни американски санкции.

UN Web TV I Бисера Турковиќ
Поранешната министерка за надворешни работи, Бисера Турковиќ, го нарече Иран „партнер и пријател“Фотографија: UN Web TV I

Меки структури

Познато е дека Иран е главен финансиер на Хамас, организација која повеќето земји од ЕУ ја класифицираат како терористичка, обезбедувајќи стотици милиони долари годишно за оружје, обука и операции. Таа поддршка, која се мери со стотици милиони долари, му овозможува на Хамас да ја одржува својата воена инфраструктура и покрај санкциите.

По нападот на Хамас на Израел во октомври 2023 година и судирот во Газа што следуваше, во БиХ беа организирани повеќе пропалестински демонстрации, главно во Сараево и областите со бошњачко мнозинство, со илјадници учесници – но без поголеми инциденти. Протестите беа мирни, фокусирани на солидарност со Палестинците.

Бошњачкиот член на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, беше еден од најгласните критичари на Израел во контекст на Газа и поширокиот конфликт, нарекувајќи го „геноцид“ и „срам на светот“, но истовремено го осуди и тероризмот на Хамас и повика на примирје и обезбедување хуманитарна помош.

Поранешниот амбасадор на БиХ во Иран, професорот по меѓународни односи во Сараево, Емир Хаџикадуниќ, вели дека односите меѓу БиХ и Иран се главно ограничени. Прво, затоа што инвестиции речиси и да нема, трговската размена е занемарлива, а во политичка смисла сè се сведува на неколку билатерални состаноци.

„Инвестиции нема, но постои Ирански културен центар, Персиско–босански колеџ, Институт Мула Садра, кој е повеќе филозофски, верски и просветно ориентиран кога станува збор за интерпретација на исламот“, вели Хаџикадуниќ, истакнувајќи дека каков било страв во тој контекст е неоправдан.

„Исламската заедница е сунитска, тие се нешто сосема друго. И мислам дека Иранците никогаш, како што имавме по војната влијание од круговите на салафистите, каде се обидуваа да го менуваат босанско-херцеговскиот ислам, не направија никаков таков обид. Зашто овде нема плодна почва за тоа. Јас не гледам упориште за таквиот страв“, заклучува Хаџикадуниќ.

Босна и Херцеговина | Знамето на ЕУ во Сараево
Иранското влијание во БиХ не е само историска епизода, туку тест за стратешката ориентација на земјата, вели директорот на Центарот за меѓународни односи, Милош ШолајаФотографија: Samir Jordamovic/Anadolu/picture alliance

„Отскочна штица“

Иранскиот културен центар и Институтот „Ибн Сина“ во Сараево работат рамо до рамо со Универзитетот, објавувајќи го списанието ПИС со исламска филозофија и научни трудови. Неофицијално, врските се протегаат и до други организации, каде под маска на културна размена се шири шиитски наратив во сунитско опкружување.

Тие мрежи не се статични. Тие еволуираат од воените канали на помош до денешните платформи на влијание, каде што сентименталната поврзаност се претвора во долгорочни врски.

Босна и Херцеговина тежнее кон ЕУ и НАТО интеграција. Меѓутоа, одредени контакти создаваат напнатост со клучните партнери, смета Шолаја. Тој исто така верува дека Хелезовиот „офсајд“ од минатата година не е изолиран гаф, туку одраз на длабоко вкоренети нишки исплетени во воените години.

„БиХ е отскочна штица за сите исламски струи, особено за Иран“, вели Милош Шолаја, тврдејќи дека зад сите организации стои многу развиената иранска разузнавачка служба.

„Таа е прилично добро организирана и активна, така што БиХ е многу погодна средина за натамошно ширење кон Европа. А таа служба се потпира и на упориштето што доаѓа со различни бранови бегалци, особено шиити кои се инфилтрираат во мигрантските текови и стануваат сè посилни“, тврди Шолаја.

За професорот Хаџикадуниќ работите се нешто поинакви и, како што вели, треба да се гледаат исклучиво во контекст на културната соработка и без каков било страв. Но Шолаја смета: „Иранското влијание во БиХ не е само историска епизода – од воените испораки до денешните културни мрежи – туку тест за стратешката ориентација на земјата“.