1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Зеленски бара фиксен датум за пристапување на Украина во ЕУ

ЖА / агенции
12 февруари 2026

Украинскиот претседател Володимир Зеленски бара секој договор за прекин на војната во Украина да вклучува конкретен датум за пристапување на неговата земја во ЕУ и ги поврзува изборите со безбедносните гаранции.

https://p.dw.com/p/58ZMV
Маж во црна облека стои пред микрофон - украинскиот претседател Володимир Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски бара датум за пристапување на Украина во ЕУФотографија: President of Ukraine/APAimages/IMAGO

Во дискусијата за пристапувањето на Украина во ЕУ, претседателот  Володимир Зеленски бара прецизен датум да биде вклучен во секој потенцијален договор за прекин на војната со Русија. Во исто време, во објава на X, тој повторно ги поврза претседателските избори во неговата земја, разорена од  војна,  со безбедносната ситуација.

Важно е Украина да направи сè што е можно за да биде подготвена за пристапување во ЕУ до 2027 година, напиша Зеленски на социјалните медиуми. Доколку договорот,  кој треба да го потпишат  САД,  Русија,  Украина и Европа, не содржи конкретен датум, Русија ќе стори сè што е во нејзина моќ да го блокира процесот на пристапување,  ЕУ  е безбедносна гаранција за неговата земја, истакнува Зеленски.

На крајот на јануари, Зеленски повика  неговата земја да се приклучи на ЕУ  уште во 2027 година, и покрај раширениот скептицизам во некои европски земји. И тогаш, тој  потенцираше дека пристапувањето е една од најважните безбедносни гаранции за цела Европа.

На социјалните медиуми, Зеленски повтори дека претседателските избори во Украина зависат од безбедносната ситуација. „Можеме да продолжиме со избори кога ќе бидат воспоставени сите потребни безбедносни гаранции“, напиша тој. Доколку има прекин на огнот, ќе има избори.

На овој начин Зеленски реагира и на извештајот во „Фајненшл тајмс“ дека, под притисок од САД, планира да одржи претседателски избори и  референдум за мир пред 15 мај.  Според извештајот, тој би можел да ги распише изборите уште на 24 февруари, четвртата годишнина од руската инвазија. Британскиот весник цитираше украински и западни претставници запознаени со плановите, но не го цитираше самиот Зеленски.

Тој пак објасни дека 24 февруари е многу сериозен датум и погрешен ден за разговор за политика, дека не може да се користи за распишување избори. Според украинските медиуми, Зеленски ги отфрлил тврдењата  според кои САД се заканиле дека ќе ги повлечат безбедносните гаранции. Вашингтон не ги поврзува овие гаранции со изборите, наводно рекол тој.

Барањето за претседателски избори во Украина  првично дојде од Москва,  бидејќи актуелниот претседател, Зеленски, наводно не е легитимен партнер во преговорите. Сепак, американскиот претседател  Доналд Трамп  го усвои ова барање. Киев досега  аргументира дека  изборите не можат да се одржат поради моменталната воена состојба.  Понатаму, тврди дека  спроведувањето гласање е невозможно под руски напади, со стотици илјади мажи на фронтот и милиони бегалци и во и надвор од земјата.