1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски и Филипче во жестока дебата за струјата

25 декември 2025

Жестока расправија во Собранието меѓу премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на СДСМ, Венко Филипче за енергетската криза, поскапувањето на струјата и политичките обвинувања.

https://p.dw.com/p/55xtc
Слика на премиерот Христијан Мицкоски во парламентот 32.10.2024
Премиерот Христијан Мицкоски говори од собраниската говорницаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Обвинувања за поскапувањето на струјата

Во Собранието денеска (25.12) се водеше жестока дебата меѓу премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче.Двајцата си разменија остри зборови околу енергетската криза и поскапувањето на струјата, што стана една од најактуелните теми во земјата.

Филипче ја обвини Владата дека по две години на власт не презела доволно мерки за зајакнување на домашното производство на електрична енергија. Според него, државата е принудена да увезува скапа струја и да прогласува кризна состојба, што директно влијае врз цените за граѓаните.

„Зошто сега доаѓа до поскапување на струјата за граѓаните, што ќе повлече и други поскапувања?“ праша Филипче од собраниската говорница. 

Мицкоски возвраќа со критики кон СДСМ 

Премиерот Мицкоски возврати дека СДСМ манипулирала со бројки за поскапувањето, најавувајќи зголемувања од 5 и 10 проценти, а на крај цената пораснала за нешто над 2 проценти.

„Ова прашање можеби најдобро ќе ви го одговори новиот член на вашиот Извршен комитет, господинот Бислимоски, брат на претседателот на Регулаторната комисија. Регулаторната комисија е независно тело, не знам зошто мене ми го поставувате ова прашање“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека Владата наследила катастрофална состојба во енергетскиот сектор и дека повеќе од 50 лица од претходната власт се под истрага или судски процеси, а поранешен директор и висок функционер на СДСМ е во бегство. 

Слика на Венко Филипче, лидер на СДСМ  11.07.24
Лидерот на СДСМ Венко Филипче поставува прашања во СобраниетоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Филипче: Граѓаните заслужуваат почит, а не навреди 

Филипче го праша премиерот дали кога зборува за „талог на општеството“ мисли на граѓаните. „Секојдневните поплаки и проблеми се реални гласови на граѓани кои живеат тешко и заслужуваат почит, а не навреди“, нагласи тој.

Тој додаде дека реалноста за огромното мнозинство граѓани е сосема поинаква: држава без европска перспектива, со изгласана противуставна резолуција, сива економија и длабока сиромаштија.

„Знам дека сакате да зборувате за убави работи, но тоа се случува за мал круг на луѓе околу власта, не за целата држава“, рече Филипче.

Напади место реални политики 

Мицкоски се осврна и на антикорупциската платформа на СДСМ, оценувајќи дека таа само покажува зошто партијата континуирано губи избори.

„И на следните парламентарни избори ќе ви се случи дебакл ако вака продолжите“, порача премиерот. Тој нагласи дека инфлацијата е една од најниските во Европа, под 4 проценти, со тенденција да се стабилизира меѓу 2 и 3 проценти следната година, додека СДСМ, според него, се занимава со клеветнички напади наместо со реални политики.