Нова ера во Унгарија без Орбан: Кои се министрите на Маѓар?
9 мај 2026
Идниот унгарски премиер Петер Маѓар поседува забележителен талент често да ги користи ситуациите во своја полза со мали, но ефективни гестови. Станува збор за талент каков што немал ниту еден политичар во поновата историја на земјата, а кој во голема мера му помогна на Маѓар за историскиот изборен успех на неговата партија Тиса на 12 април 2026 година.
Еден миг што беше илустриран со фотографии и подоцна стана вирален во Унгарија се случи на предизборен митинг во мал град во јужна Унгарија на почетокот на април 2026 година. Маѓар забележа новинари од прокремљовски московски весник и спонтано ги поздрави со зборовите: „Ги поздравувам руските пропагандни медиуми. Уживајте во слободата и во промената на режимот!“ Собраните присутни бурно аплаудираа и извикуваа: „Руси, одете си дома!“ Ова беше реакција на неодамна откриените непријатни обиди за додворување на Виктор Орбан кон рускиот автократ Владимир Путин во есента 2025 година – според медиумски извештаи, Орбан во телефонски разговор наводно му понудил на Путин своја помош „во секој поглед“, и тоа на речиси поданички начин.
Кога во сабота (09.05.2026) ќе се состане новиот унгарски парламент и кога 45-годишниот Петер Маѓар и новите министри од неговата влада ќе ги положат своите свечени заклетви, тоа секако нема да биде обична церемонија. Идниот унгарски премиер овој ден го прогласи за „празник на системската промена“.
За првпат ромска химна
По повод стапувањето на должноста, покрај унгарската национална химна ќе се интонираат и химната на Европа, химната на малцинството Секељи од романска Трансилванија, како и неофицијалната химна на унгарските Роми. Особено последново претставува гест на почит без преседан кон околу 700.000 Роми во земјата.
За првпат по дванаесет години, на зградата на унгарскиот парламент повторно ќе биде истакнато знамето на Европа. Потоа Маѓар ќе го одржи својот прв говор како премиер на плоштадот пред парламентот.
Номинацијата на зетот на Маѓар повлечена
Кабинетот со кој Маѓар сака да ја спроведе системската промена е невообичаен. Министерка за надворешни работи ќе биде Анита Орбан – која не е во сродство со премиерот во заминување – дипломатка и експертка за енергетика, која своевремено припаѓаше на проевропското, евроатлантско крило на партијата Фидес, крило што денес веќе не постои. Таа уште во 2008 година предупреди од империјалистичката руска енергетска политика во книга на англиски јазик која наиде на голем одзив во меѓународни рамки.
Министер за економија ќе биде поранешен висок менаџер на компанијата „Шел“, министер за одбрана – поранешниот началник на Генералштабот на унгарската армија Ромулус Русин-Сенди, кого системот на Орбан го прогласи за непријател поради неговиот наводно премногу проукраински став. Министерот за здравство Жолт Хегедиш работел како ортопед во Велика Британија од 2005 до 2015 година. Видео од Хегедиш, на кое се гледа како по изборната победа весело танцува на сцената, го направи светски познат преку ноќ.
Веројатно најнеобичниот министер во кабинетот на Маѓар е министерот за социјална политика и семејство Вилмош Катаи-Немет. Тој го загубил видот на 16-годишна возраст, подоцна станал адвокат и мајстор по јапонската боречка вештина аикидо. Тој е првиот слеп министер во унгарската историја.
Во предлог-тимот на владата на Маѓар имаше и една спорна кадровска одлука: номинацијата на Мартон Мелетеи-Барна за функцијата министер за правда. Тој е поранешен колега на Петер Маѓар од студентските денови, а од есента 2025 година е оженет со неговата помлада сестра и со тоа е зет на премиерот. Семејната поврзаност предизвика критики во јавноста. Маѓар ја оправда номинацијата со правната стручност и соодветност на својот зет и вети дека тој, како и целата влада, ќе работи со целосна транспарентност и дека семејните врски нема да влијаат врз работата.
Сепак, откако номинацијата беше широко и критички коментирана во унгарската јавност, Мартон Мелетеи-Барна во четвртокот вечерта (7.05.2026) објави дека се повлекува од номинацијата. Тој, како што напиша на Фејсбук, не сакал „ниту најмала сенка да падне врз системската промена“. Како нова министерка за правда, Петер Маѓар ја номинираше деканката на Катедрата за правни науки на Универзитетот во Сегед, Марта Ѓерег. Маѓар во објава на Фејсбук ја нарече „некрунисаната кралица на унгарските правници“.
Внатрешно- и надворешнополитички приоритети
Како премиер, Маѓар има две големи приоритетни задачи. На внатрешен план, неговата влада мора да го демонтира системот скроен според Виктор Орбан и повторно да го воспостави владеењето на правото. Како една од првите мерки, планира да формира антикорупциска агенција и агенција за поврат на имот, преку која незаконски распределените државни средства и јавни набавки доделени на блиски луѓе на Орбан ќе бидат вратени во служба на општото добро. Покрај тоа, Маѓар најави затворање на државните медиуми лојални на Орбан и изградба на нов, независен јавен медиумски систем.
До кој степен новата влада ќе успее да се ослободи од „марионетите на Орбан“, како што ги нарекува Петер Маѓар, допрва ќе се види. Иако партијата Тиса на Маѓар има двотретинско мнозинство во парламентот, тоа може да се покаже како тешка задача, бидејќи меѓу нив се и државниот претседател Тамаш Шујок, јавниот обвинител и високи правосудни функционери. Доколку претседателот Шујок сам не поднесе оставка, тој би можел значително да ги забави реформите.
На надворешнополитички план, Маѓар сака повторно да ја направи Унгарија доверлив партнер во ЕУ и НАТО, да ги подобри односите со соседните земји во централна и источна Европа – пред сè со Полска – и истовремено да обезбеди деблокирање на замрзнатите пари од ЕУ за Унгарија. Последново е од животно значење за земјата, која се наоѓа во економска и финансиска криза со размери полоши од очекуваното. Така, буџетскиот дефицит, поради дарежливата потрошувачка политика на Виктор Орбан, се доближува до границата од шест проценти.
Остар тон кон Украина
Една област на надворешната политика би можела да стане своевиден тест за демократија и популизам за Маѓар и неговата влада: односот кон Украина. Новиот премиер неодамна го повика украинскиот претседател на „историска средба“ во украинскиот мал град Берехове, кој е претежно населен со Унгарци. Дипломатски гледано, невообичаено е премиер сам да се покани во земја домаќин и притоа да го одредува местото каде што шефот на државата треба да дојде.
Маѓар, меѓутоа, отиде чекор понатаму: тој изјави дека Унгарија ќе поддржи членство на Украина во ЕУ само ако соседната земја престане да го третира унгарското малцинство како граѓани од втор ред – што едноставно не е вистина. Забележително е што Маѓар го изнесе ова тврдење по средба со градоначалникот на Берехове, Жолтан Бабјак, кој претходно го уверил новиот премиер дека Унгарците во Украина не трпат никаква дискриминација.