Разговори за Украина: Колкав напредок навистина е постигнат?
16 декември 2025
Два дена Украина, САД и Европејците преговараа во Берлин. Колкава е важноста на тие разговори во напорите за постигнување на мировно решение за војната во Украина? Експертите даваат различни одговори на прашањето колку навистина е постигнат напредок.
Не станува збор само за преговорите во Берлин - развојот на настаните веќе можеше да се забележи во текот на изминатите недели, рече политикологот Никол Дајтелхоф од Институтот Лајбниц за истражување на мирот и конфликтите во емисијата Тагестемен на првата програма на германскиот радиодифузен сервис AРД. „Навистина гледаме динамика, движење меѓу спротивставените страни, како и меѓу поддржувачите на спротивставените страни, нешто што не сме виделе во речиси четири години“.
Разговорите во Берлин дополнително го унапредија ова. Тие, пред сè, можат да придонесат за кристализација на нешто како заедничка позиција меѓу САД, Европа и Украина, смета Дајтелхоф. „Тоа навистина би бил суштински напредок и би можело да ги поттикне преговорите“.
„Европејците повторно ја презедоа иницијативата“
Иако Русија стои зад своите максималистички барања, „во исто време, гледаме и дека Русија останува во игра, односно дека сè уште не ги прогласила разговорите за целосно застарени, како што обично беше случај по кратко време во минатото“. И натаму постои подготвеност да се остане во разговорите.
Кога станува збор за улогата на Европејците, Дајтелхоф гледа суштински успех: „Ако ги погледнеме последните неколку месеци, секогаш беше случај Трамп или Путин да преземаат иницијатива, а Европејците мораа да се борат некако да се вратат и да седнат на маса. Овој пат навистина успеа Европејците повторно да ја преземат иницијативата. Тие ги обликуваа овие последни два дена и, очигледно, ги обликуваа многу успешно“. Ова, додава таа, е и голем успех на канцеларот.
Договорите не претставуваат безбедносни гаранции
Во утринскиот магазин на првата програма на германскиот радиодифузен сервис AРД, политикологот Клаудија Мајор изрази многу поголема воздржаност во врска со разговорите за Украина во Берлин. Да, има напредок, но таа сепак е „умерено оптимистична“, вели Мајор.
Според неа, напредокот лежи во фактот дека е постигнат усогласен став меѓу Украина, Европејците и САД. „Тоа порано го немавме“. Сепак, според мислењето на Мајор, дискутираните точки - вклучително и мултинационалните сили за обезбедување можен мир - не се исти како безбедносни гаранции за Украина, „како што ги знаеме од НАТО“. Тоа би била „сеопфатна поддршка“ за Украина.
Меѓутоа, прашањето за прекин на огнот, или дури и мир во Украина, зависи од тоа дали Русија ќе покаже интерес да се впушти во тоа, смета Мајор. Но, во моментов „воопшто нема индикации“ дека постои руски интерес за прекин на огнот. Засега, Русија покажува само интерес за победа. Затоа, прашањето останува: Што ќе ги промени руските калкулации?