1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ меѓу „дајте ново дете“ и потрага по изгубената есенција

7 ноември 2025

Одговорност - да, но голата одговорност сама по себе не носи резултат: во СДСМ имаше лидерска одговорност по локалните избори во 2021, а потоа следеше уште поголем пораз, потсетува Јован Деспотовски

https://p.dw.com/p/53F7i
Nord-Mazedonien: Kongress der Sozialdemokratischen Partei Mazedoniens (SDSM)
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Каде ќе биде лоцирана одговорноста за изборниот пораз, дали партискиот претседател може да се изземе од неа, како СДСМ да излезе од политичката анемија и да си ја врати нејзината идеолошка есенција? Ова се само дел од прашањата за кои поддржувачите на партијата бараат јасни одговори, а истите ќе ги бара и СДСМ. Во периодот пред најавената  интроспекција за изборниот исход,  владее одредена воздржаност во првата постава на партијата.

Досегашната потпретседателка во СДСМ, Ана Чупеска, вели дека јавно ќе ги изнесе нејзините ставови за изборниот исход и можниот пат напред, откако прво ќе ги образложи пред Централниот одбор на партијата. Тоа е органот кој треба да ја констатира нејзината оставка поднесена пред вториот изборен круг (1.11. 2025), оставка која таа планира темелно да ја образложи.

„Сакам да ја образложам оставката, и во тој контекст да дадам мои согледувања како да се реформира партијата, кои се структурните недостатоци и кои се можни решенија за перспективите на СДСМ", вели Чупеска за ДВ.

Прстот не го вперува во никого и посочува дека оставката не се должи на проблеми во (меѓу)персонална соработка, туку со начинот на работа, методологијата и структурни проблеми. Причините за изборниот резултат на СДСМ ги оценува како повеќеслојни.

„Низ мој ракурс ќе ги образложам пред Централниот одбор, преку една политичко-социолошка анализа, и од поширока перспектива", најавува Чупеска.

И без анализа е јасно

„Состојбите за СДСМ, за жал, не се добри и за тоа не треба посебна анализа, ниту разбирање на политика“, вели Јован Деспотовски, член на СДСМ и поранешен партиски функционер.

Јован Деспотовски, член на СДСМ и поранешен партиски функционер
Јован Деспотовски, член на СДСМ и поранешен партиски функционер: СДСМ мора прво да се избори за внимание, односно да покаже дека има и знаење и капацитет да наметнеме теми во политикатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Дури и сето ова да оддава некаква  сличност со локалните избори  во 2017 година (за  ВМРО -ДПМНЕ)  или во 2013 (за СДСМ), не мислам дека тоа помага. Во ваква состојба олеснувањето или барањето други ‘агли на гледање’ гарантира едно - продолжување на состојбите, а никако нивно решавање“, оценува тој.

Вели дека не може да заборави на горчината што ја предизвикал фактот дека една голема партија како СДСМ не била доволно конкурентна, па во вториот круг во неговата матична општина Карпош немала нејзин кандидат за гласање.

„Она што можеби може да го прифатиме, односно да го научиме од предходните слични ситуации, е следната: одговорност да, но голата одговорност и не носи сама по себе резултат. Зошто? Бидејќи и СДСМ помина низ фаза на лидерска одговорност по последните локални избори во 2021 година, но потоа следеше уште поголем пораз“, потсетува тој.

По поразот што го доживеа СДСМ на локалните избори во 2021 година тогашниот партиски претседател и премиер  Зоран Заев  поднесе оставки и на државната, и на партиската функција. Нов партиски претседател стана  Димитар Ковачевски,  но СДСМ продолжи да доживува падови и во неговиот, а потоа и во партискиот мандат на  Венко Филипче, кој по неуспехот на последните локални избори  најави дека нема да се повлече од функцијата. Неговиот претходник Ковачевски како морален и чин на одговорност, си поднесе оставка по изборниот пораз на ланските парламентарни и претседателски избори. Во образложението на оставката, покрај оценката дека „никој не е без одговорност“, обелодени дека „по поразот на локалните избори во 2021 година партијата не направила анализа на изборните резултати како што налага Статутот и не ги лоцирала причините за поразот за да се извлечат соодветни поуки“. Се заложи да се погледне навнатре во последните 4, а можеби и 7 години.

На СДСМ ѝ треба јасна приказна

За анализа на седумгодишниот перид на  СДСМ  во власта неодамна се заложи и пратеничката на СДСМ и поранешна министерка за одбрана, Славјанка Петровска. Поранешни партиски функционери, пак, во јавни настапи се заложија меѓудругото да се анализира и „придонесот“ на резолуцијата за црвените линии, промовирана токму пред почетокот на изборната кампања. Но, сметаат дека е најприоритетно партијата да излезе од политичката анемија што ја рефлектира сега. Според Деспотовски, на СДСМ му треба да дефинира јасна „приказна“.

„Она што сметам дека е непосреден, веројатно и итен приоритет на партијата е дефинирање на јасна ‘приказна’. Нешто што мислам дека ни недостасува веќе години, а што секако доведе до губење и на поддршката, но и вниманието кај граѓаните. Сметам дека СДСМ мора прво да се избори за внимание, односно да покаже дека има и знаење и капацитет да наметнеме теми во политиката. Па потоа може да зборуваме за градење на доверба, што секако на крајот треба да резултира со поддршка, односно глас“, посочува Деспотовски.

Оценува дека  СДСМ има што да учи од нејзиниот политички опонент,  кој успеал со едноставна, но конзистентна приказна, да се врати од состојба што доста наликува на онаа во која сега е СДСМ.

Венко Филипче, лидер на СДСМ, на изборен митинг за локалните избори 2025
Венко Филипче, по неуспехот на последните локални, најави дека нема да се повлече од функцијатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Но, да не се лажеме. Ако на ВМРО- ДПМНЕ и на Мицкоски им успеало, не значи по правило дека ќе мора да успее и за СДСМ. Со едноставни зборови: одговорност - да, кадровско зајакнување секако да, и тоа е нужно, ама не и доволно само по себе. СДСМ треба и мора да дефинира своја нова приказна. Тоа мора да биде нешто едноставно, практично и разбирливо. Статусот на голема партија се покажува со капацитетот да наметнуваме теми и да влијаеме на одлуките што се носат. А, не само да се пребројуваме колку имаме повеќе од тие зад нас. Башка што и не се многу далеку веќе“, предупредува Деспотовски.

Доста е од наметнати лидери

Дел активни членови а поранешни функционери, во овој период не сакаат јавно да говорат за грешките на партијата. Еден од нив, за ДВ објаснува дека ќе почека да поминат дискусиите во партиските органи, за да се видат сигнали дали навистина е разбрана димензијата - не само на  последниот изборен пораз,  туку, пред се, на повеќегодишната безидејност и дезориентираност на партијата. Негови клучни забелешки се дека партијата одамна го изгубила идентитетот, компасот и социјалдемократската „есенција“ и дека ѝ треба водство кое ќе ја врати и ќе ја рефлектира изворната идеологија, а не „Дубаи и јахта - екскурзии“.

За разлика од партиски членови кои сметаат дека политиката „дајте ново дете“ (нов партиски претседател) и други кадровски промени нема да го подигнат СДСМ од дното бидејќи е потребна јасна платформа на дејствување, тој смета дека е потребно и едното, и другото.

Конгрес на СДСМ во јуни 2024 година, Северна Македонија
Дел активни членови а поранешни функционери, во овој период не сакаат јавно да говорат за грешките на партијатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Се противам на тоа кога од други партии ни држат лекции дали партискиот претседател на СДСМ треба да замине. Но уште повеќе се противам да добиваме октроирани, наметнати претседатели, како што беше во два случаи, најмалку. Нештата еднаш мора да се кажат со вистинското име. За жал, голем дел од тие што се во органите на партијата, не верувам дека имаат интегритет отворено да проговорат за тоа, затоа што се таму по истиот ‘принцип’. Еве, да видиме дали таму ќе има отворена и суштинска дискусија за сите проблеми и пропусти. Ако пак се турнат работите ‘под тепих’, убеден сум многу партиски другари кои не се во тие органи, јавно ќе се спротивстават. Не смее и ова да заврши со празни фрази. Во таков случај, и овие 126.000 гласови од  локалните избори  ќе треба да си ги врамиме во златна рамка, зашто веќе утре ќе ни изгледаат недостижни“, вели соговорникот.

Деновиве, пратеникот на СДСМ и поранешен министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во интервју на ТВ Аласт оцени дека трите основни столбови по кои ќе мора да се движи партијата се редефинирање на политиките, реформа во организациската поставеност и структура на партијата и градење на коалицискиот капацитет.