Штајнмајер повикува на надеж и човечко достоинство
24 декември 2025
За германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер, Божик е време на надеж и доверба во иднината. Тој празник, како што рече во својата божиќна порака што ќе биде емитувана на телевизија на 25 декември, е „првенствено порака: Светлината се наѕира низ темнината“.
Темнината вклучува сè „што го угнетува секого од нас поединечно“ или „што нè плаши како општество“, како што се болестите, кризите и војните, истакнува Штајнмајер. Светлината, од друга страна, го претставува она „што, и покрај сè, одново и одново ни дава надеж".
Без Божиќ, според Штајнмајер, светот би бил многу посиромашен. „Тој го прави нашиот живот поисполнет со очекување, порадосен, потопол, полн со надеж. Со таква верба во иднината, имаме сила да се залагаме за нашиот свет и за нашите соседи“.
Ова важи и за политиката во големи размери, но и за бројни мали иницијативи низ целата земја. „Ништо добро не е премногу мало за да го направи светот малку посветол.“
Претседателот го охрабрува дијалогот
Штајнмајер, исто така, повика на отворени дискусии. „Тоа може да го осветли патот напред и да му даде насока“, смета тој.
„Ако се впуштиме заедно со другите во потрага по ориентација и цели, можеме многу да добиеме, ако им дадеме збор на другите со искрен интерес, а не да ги оптоваруваме само со она што самите отсекогаш сме го сметале за правилно.“
Заедницата е исто така важна, нагласува тој: „Врските што ни даваат поддршка се исто толку важни како и оние што нè обврзуваат.“
Солидарност и со Украинците, Европа треба да се потсети на своите вредности
Зборувајќи за војната во Украина и нејзиниот крај, Штајнмајер нагласува дека е важно „за нас како Европејци повторно да станеме свесни за нашата сила и нашите вредности и да дејствуваме соодветно“.
Во текот на долгите векови, Европа научи колку се важни и незаменливи слободата и човечкото достоинство, праведниот мир и демократското самоопределување. „Ние не се откажуваме од тоа - ниту за себе, ниту за нашите партнери и пријатели“.
Повеќето, рече тој, веројатно ги следат тековните разговори за мирно решение во Украина „со надеж“, но „со скептицизам и загриженост“. Во исто време, германскиот претседател се залагаше за понатамошна солидарност со народот на Украина, „против кого Русија води војна речиси четири години“.
Божиќната порака ќе се емитува на првиот ден од Божик на германскиот јавен сервис АРД и ЗДФ. Тоа е, засега, последната божиќна порака од замокот Белви. Почнувајќи од следната година, официјалното седиште на германскиот претседател во Берлин ќе биде темелно реновирано и ќе биде подготвено за вселување дури во 2031 година. Во меѓувреме, шефот на државата ќе престојува во модерен привремен објект.