1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп се заканува со „преземање“ на Куба

ЕМФ / дпа
17 март 2026

Американскиот претседател Доналд Трамп навестува можност за преземање на Куба, додека островот се соочува со колапс на електричната мрежа, економска криза и зголемени тензии со САД.

https://p.dw.com/p/5AWUm
САД Вашингтон 2026 | Доналд Трамп во Овалната соба
Трамп се заканува со „преземање“ на Куба Фотографија: Annabelle Gordon/AFP

Американскиот претседател Доналд Трамп навести можнo „преземање“ на Куба, со што дополнително ги заостри тензиите со социјалистичкиот сосед. Тој пред новинарите во Белата куќа изјави дека верува оти ќе има „чест“ да ја „преземе“ или „ослободи“ Куба „на некој начин“. „Можам да правам со неа што сакам“, додаде Трамп, без да даде детали. „Тоа е пропадната држава. Немаат пари, немаат нафта, немаат ништо“, рече американскиот претседател – за потоа да додаде: „Имаат убава земја.“ Воопшто, Куба е „прекрасен остров“.

Провокативната демонстрација на моќ на Трамп во понеделникот (16.03) се совпадна со прекинот на струја во Куба. Лошото управување, корупцијата и децениското трговско ембарго на САД ја доведоа авторитарно управуваната земја до работ на економски колапс. Во последно време, долгогодишните тензии меѓу карипската држава и САД дополнително се зголемија.

Карипскиот остров, оддалечен само околу 150 километри од американската сојузна држава Флорида, е под силен притисок од САД – особено од почетокот на вториот мандат на Трамп. Со закани за царини и блокада на нафтени танкери од Венецуела, Куба практично е отсечена од пристап до нафта.

И покрај тешката состојба, не е јасно зошто Трамп смета дека лесно би успеал. Од револуцијата во 1959 година, земјата се управува авторитарно, а Комунистичката партија има целосна контрола.

Односите се затегнати долго време

Односите меѓу Хавана и Вашингтон се затегнати уште од револуцијата предводена од Фидел Кастро. Под раководство на Трамп, притисокот врз Куба дополнително се зголеми, особено по апсењето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, сојузник на кубанската власт. Со тоа Куба изгуби важен снабдувач со нафта.

Во исто време, Куба и САД водат разговори. Кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел изјави дека се бара решение преку дијалог. Трамп пак изјави: „Куба е во последните моменти од своето постоење. Ќе започне нов живот.“

Лоша електрична мрежа

Економскиот пад на Куба е очигледен. Во понеделникот повторно дојде до прекин на струја низ целата земја. Во држава со околу десет милиони жители, електричната мрежа често колабира поради застарена инфраструктура.

Прекините на струја се секојдневие, а владата ја обвинува долгогодишната блокада од САД за кризата.