1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаУнгарија

Унгарија: Дали спорот околу претседателот ќе ескалира?

5 јуни 2026

Претседателот Тамаш Суљок одбива да се повлече од функцијата, како што бара новиот премиер Петер Маѓар. Ова е првата голема борба за моќ со соборениот режим на Орбан. За Маѓар не е опција да попушти.

https://p.dw.com/p/5ErIP
На левата страна од сликата, може да се види маж со кратка седа коса како му се смешка на друг маж (од десната страна на сликата). Другиот маж има сериозен израз на лицето. Во позадина, слабо се забележуваат други луѓе
Унгарскиот претседател Тамаш Суљок (лево) му честита на Петер Маѓар на 9 мај 2026 година, во Парламентот во главниот град Будимпешта, за неговиот избор за премиер на земјата-членка на ЕУФотографија: David Balogh/Xinhua/picture alliance

Кога репортерката на ДВ го прашува Петер Маѓар за унгарскиот претседател Тамаш Суљок, новиот премиер на Унгарија станува емотивен. Тој го нарекува Суљок „марионета на Орбан“. Долго време молчел за тоа како и демократијата и владеењето на правото биле занемарувани од неговиот претходник. Таков човек не може да остане на чело на државата и ќе биде „отстранет од функцијата“, ветуваше Маѓар за време на предизборната кампања. Прес-конференција во кабинетот на сојузната влада на 2 јуни 2026 година - Петер Маѓар до  Фридрих Мерц. Фокусот при првата посета на Берлин по неговата изборна победа требаше првенствено да биде на германско-унгарските односи, но наместо тоа Маѓар речиси пет минути се „истури“ за претседателот на Унгарија. Што се случува? Шефот на државата во Унгарија главно има само репрезентативна улога и претседателот не игра голема улога во секојдневната политика.

Двајца мажи облечени во сини костуми и вратоврски стојат зад подиумите; човекот лево зборува со кренати раце, додека во позадина се видливи сини знамиња со златни ѕвезди, како и црвено-бело-зелени и црно-црвено-златни знамиња
Новиот премиер на Унгарија, Петер Маѓар (лево) и германскиот канцелар Фридрих Мерц на прес-конференцијата во Берлин на 2 јуни 2026 годинаФотографија: Thomas Trutschel/photothek.de/picture alliance

Покрај тоа, поранешниот премиер  Виктор Орбан  де факто уште повеќе ја деградираше функцијата со поставување лојални, но во голема мера несоодветни кандидати. Но сега, актуелниот адвокат по уставно право, Тамас Суљок, кој е на функцијата од март 2024 годинасе најде во центарот на првата голема борба за моќ по крајот на  режимот на Орбан. Петер Маѓар во повеќе наврати од него побара да си поднесе оставка со ултиматум до 31 мај 2026 година. Но, Суљок одбива и сака да остане на функцијата.

„Перото на Орбан“

Сега спорот околу него станува тест за промената на системот. Маѓар уште пред месеци најави дека по неговата изборна победа, сите „марионети“ на Орбан на истурени позиции ќе мора да се повлечат од функциите. Покрај државниот обвинител, раководителите за регулација на медиумите и ревизорските тела, како и претседателот на Националниот суд, сосем на врвот на списокот е и претседателот на државата, Тамас Суљок. Причината е што тој ги потпишувал дури и најконтроверзните закони на Орбан, без да го искористи своето овластување да направи претставка пред Уставниот суд. Затоа претседателот го има прекарот „Перото на Орбан“.

Мнозинството сака оставка

За најнискиот пад во историјата на Унгарија придонесе самиот Суљок, кога западноукраинскиот град Мукачево, каде што живеат многу припадници на унгарското малцинство, претрпе катастрофален руски ракетен напад во август 2025 година, унгарскиот претседател го осуди нападот. Но, подоцна од објавата на Фејсбук го отстрани зборот „руски“ пред именката „напад“. Неодамнешна анкета покажува дека повеќе од 60 проценти од Унгарците сакаат Суљок да си поднесе оставка, но не постои правно погледнато начин избран претседател да се отстрани од функцијата, дури ни ако како во случајот со Суљок, бил поставен на функцијата од еднопарламентарно мнозинство кое потоа е соборено на избори. Петар Маѓар тврди дека  во Унгарија не е само нова влада дојдена на власт,туку дека дошло до промена на системот, а дека тоа не е можно ако лидерските позиции во државата се пополнети со дискредитирани соработници на стариот поредок.

Нема полско сценарио

Новиот премиер на Унгарија всушност нема причина да се плаши од претседателот, кој речиси и да нема никакви овластувања кои би му овозможиле сериозно да ја попречи работата на владата. Тој само еднаш може да врати закон во парламентарна постапка. По второто гласање, мора да ги потпише. Други овластувања, како назначувањето на премиерот или министрите, се предмет на парламентарни одлуки.  Полското сценарио,  во кое претседателот Карол Навроцки блокираше многу од законите на премиерот Доналд Туск, во Унгарија воопшто не е можно. Па сепак Маѓар во изминатите месеци го игнорира претседателот на невиден начин. Во своето инаугуративно обраќање пред парламентот како шеф на владата, тој директно му се обрати на Суљок со барање за оставка, на што Суљок срамежливо се насмевна. 

Двајца мажи седат на маса, строго се гледаат еден во друг; пред нив се видливи микрофони и пијалоци, а бело-црвени знамиња висат на ѕидот во позадина
Полскиот премиер Доналд Туск (лево) разговара со претседателот Карол Навроцки (десно) за време на состанокот на кабинетот во Претседателската палата во главниот град на Полска, Варшава, на 27 август 2025 годинаФотографија: Kacper Pempel/REUTERS

Маѓар постојано го нарекуваше Суљок „марионета“ и го обвинуваше за тотално потфрлање на функцијата. Премиерот на тој начин излегува во пресрет на големи делови во општеството кои сакаат пресметка. Освен тоа, политичкиот подем на Маѓар започна во февруари 2024 година, по оставката на претходникот на Суљок, Каталин Новак, која помилува човек осуден за помагање во злоупотреба на деца, под притисок од системот на Орбан. Новак си поднесе оставка поради масовните јавни протести, а Орбан потоа го постави Суљок на функцијата. Тој упорно молчеше за институционалната злоупотреба на деца во Унгарија, па Маѓар би ги пресекол корените на неговиот подем и ќе се дискредитира, доколку попушти по прашањето за оставката на Суљок.

Помош од Венецијанската комисија

Претседателот на истекот на ултиматумот минатата недела (31 мај 2026 година) реагираше со навидум цинично видео на Фејсбук, во кое се претставува како бранител на владеењето на правото, демократијата и основните европски вредности во Унгарија - придружено со патетична музика. Во видеото, Суљок вели дека се обратил до Венецијанската комисија на Советот на Европа за помош во врска со барањето за негова оставка. Правното советодавно тело беше критикувано од владата на Орбан како „приврзок на Сорос, алузија на американскиот милијардер и филантроп од унгарско-еврејско потекло, Џорџ Сорос, кој за време на претходната влада беше мета на кампањи со клевети. Кога унгарскиот парламент дебатираше за барањето за оставка од Суљок во понеделникот (01 јуни 2026 година), фракцијата на партијата Фидес го обвини премиерот Маѓар дека сака да воспостави диктатура. Премиерот на ова, како и на видеото на Суљок, одговори само со саркастични коментари и потсмев и вети оти ќе најде начин како Суљок да си замине од функцијата. Маѓар не наведе како ќе се случи тоа. Актуелниот Устав не содржи реална можност за отстранување на Суљок, бидејќи речиси и да нема формални прекршувања на неговите должности кои би можеле да му се префрлат. Порталот Телекс пренесува дека ќе биде потребно „креативно правно маневрирање“ за таа намена. Преку уставен амандман би можел да биде воведен услов за шефот на државата што Суљок не го исполнува. Алтернативно, шефот на државата би можел да биде во иднина избиран од народот наместо од парламентот - што би резултирало со пад од функцијата за Суљок. Маѓар единствено вети дека нема да има закон за Суљок и дека „владеењето на правото во Унгарија ќе биде вратено преку уставен акт“.

 

Кено Верзек, новинар на ДВ
Кено Верзек Уредник, автор и новинар за Европската програма на ДВ