1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаУнгарија

Новиот премиер на Унгарија го разоткрива луксузот на Орбан

14 мај 2026

Во видеа на Фејсбук, Петер Маѓар го открива раскошниот мебел во службената резиденција на Виктор Орбан. Унгарија шокирана од луксузот што го уживала соборената од власт елита. Новиот премиер пак, си поставува високи цели

https://p.dw.com/p/5Dl5D
Ungarn Budapest 2026 | Peter Magyar wird als Ministerpräsident vereidigt
Фотографија: Attila Kisbenedek/AFP

Маските на автократите и диктаторите често паѓаат откако по нивното соборување од власт ќе бидат објавени сликите од нивниот таен, луксузен животен стил, како на пример во случајот со романскиот диктатор Николае Чаушеску или поранешниот украински претседател Виктор Јанукович. Снимките од нивните златни тоалети се длабоко врежани во колективното историско сеќавање на нивните нации.

И  Виктор Орбан  и врвните ешалони на неговиот режим сега го доживуваат токму тоа. Во пресрет на официјалното стапување на функција на новата унгарска влада (13 мај 2026 година), премиерот Петер Маѓар почна да објавува видеа со снимени тури низ службената резиденција на Орбан во замокот Буда, како и низ две министерства. Иако на обиколките тој не наиде на златни тоалети, сепак огромните простории сведочат за раскош. Но, тоа не е сè. Орбан, кој милува да се нарекува „селско момче“ за да ја нагласи својата поврзаност со обичните луѓе, нарачал речиси сто вредни уметнички слики за да ја украси службената резиденција, и тоа од колекцијата на државната Унгарска национална галерија, како и од личен уметнички каталог.

На фотографија е маж со седа коса; носи темно сако и сина вратоврска
Поранешниот унгарски премиер Виктор ОрбанФотографија: Markus Schreiber/AP Photo/picture alliance

Во присуство на неколку министри, Маѓар при обиколките зборува за атмосфера „Чаушеску“ и прави паралели со неговите претходни посети на пропаднати болници и училишта. Едно од видеата бележи осум милиони прегледи во рок од само еден ден - во земја со население од нешто помалку од десет милиони.

Гнев и сатисфакција

Од надвор јавното прикажување на палатите на Орбан и мегаломанскиот свет на луксуз на неговата елита, наспроти една земја во распад, може да личи на евтин популизам од новата влада. Но, кај многу Унгарци овие слики предизвикуваат чувство на бес, но и сатисфакција и чувство дека си го враќаат достоинството со тоа што елитата е разоткриена. Тоа може да се разбере само ако човек се потсети на  годините на произволно владеење, ароганцијата и понижувачките ставови на орбановиот поредок,  нешта кои за многу Унгарци беа сè помалку подносливи. Може да се очекува Петер Маѓар да продолжи да владее во ваков стил. За време на положувањето заклетва во унгарскиот парламент во саботата (9 мај 2026 година), новиот премиер не остави сомнеж дека се стреми кон длабока системска трансформација. Помирувањето на длабоко поделеното општество го декларираше за негова најважна цел и нагласи дека за тоа да се постигне прво мора да се воспостави правдата. А правда пак, не може да има освен преку соочување со реалноста на системот на Орбан и морално и правно процесирање на неговата оставина.

Симболичен ден

Процесот започна уште во саботата, ден кој што Маѓар го прогласи за „Ден на системските промени“ - ден исполнет со симболика. Унгарските новинари едвај можеа да поверуваат дека за прв пат по толку години повторно можеа слободно да известуваат од Парламентот, што речиси целосно беше забрането за време на Орбан. Како прво службено дејствие новата претседателка на Парламентот, Агнес Форстхофер, нареди европското знаме повторно да се вее - дванаесет години откако беше отстрането. За прв пат на парламентарна седница, беше свирена неофицијалната химна на Ромите на Унгарија, и тоа во изведба на ансамбл од деца Роми и други деца. Инаугуративниот говор на Маѓар се претвори во вербална пресметка со претходниот систем, каква што ниту во 1990 немаше во унгарскиот парламент.

Фотографијата  покажува сино знаме со круг од жолти ѕвезди како виси од балконот на сива камена зграда
Будимпешта, 9 мај 2026 година: По повод инаугурацијата на новиот премиер на Унгарија, Петер Маѓар, знамето на Европската Унија беше свечено подигнато пред зградата на Парламентот во БудимпештаФотографија: Marek Ladzinski/ZUMA/picture alliance

Орбан не собра храброст да присуствува, иако е обичај во унгарскиот парламент, шефот на влада во заминување и новиот да се ракуваат таму. Подоцна, на плоштадот пред Парламентот, познатата ромска поп-пејачка Иболја Олах - која е израсната во дом за деца без родители - ја испеа меланхоличната, но патриотска песна „Има една земја - Унгарија“. Таа веќе со години не беше ја пеела бидејќи унгарските националисти негирајќи ѝ го правото да ја пее затоа што е Ромка, ѝ се заканувале на концертите. Но, во саботата, по сигнал од претседателката на Парламентот, илјадници луѓе се упатија кон претходно оградениот дел од плоштадот пред Парламентот додека таа пееше - еден од најтрогателните моменти на промената на власта.

Кабинет со видни експерти

Со брзо темпо во понеделник и вторникот процедурата продолжи со сослушувањата на  номинираните министри и нивното последователно положување заклетва; формалното  преземање на власта по 16 години владеење на Орбан,  со тоа беше завршено во рекордно време од точно еден месец. Кабинетот, а и тоа е уште една новина во Унгарија, е составен речиси исклучиво од реномирани експерти во своите области, поединци кои до сега немале допирна точка со политиката, или пак само во мала мера. Меѓу нив се дипломатката и експерт за енергетика Анита Орбан како министер за надворешни работи, поранешен менаџер на нафтен концерн како министер за економија, хирург ортопед како министер за здравство, и водечки правници и стручњаци од финансии, образование и ИТ. Некои планови на новата влада одамна се познати, како на пример создавањето независна Антикорупциска комисија и Служба за конфискација на нелегално стекнато богатство. Премиерот Маѓар и неговиот министер Балинт Руф, најавија една од најсеопфатните ревизии на државните издатоци кои било кога биле направени во Унгарија. Наесен конечно ќе бидат објавени и списоците со имиња на агенти кои служеле во Службата за државна безбедност за време на комунистичката диктатура на Унгарија (1945–89), проект кој се одложува веќе 30 години.

Владина седница на село

Многу од овие најави се всушност стандардна демократска пракса во земјите на  ЕУ,  но во  Унгарија во моментов звучат револуционерно. Воспоставување на независноста на правосудството и автономијата на универзитетите, дијалог со граѓанското општество и медиумите, транспарентен и фер изборен систем и широка јавна дебата за родовата еднаквост, абортусот и истополовите бракови се дел од нив. Петер Маѓар симболично првата владина седница во среда (13 мај 2026 година) ја закажа во јужното унгарско село Опуштацер, мистично место каде што се верува дека водачите на унгарските номадски племиња ги поставиле своите шатори во 896 година, означувајќи го воведот во основањето на подоцнежната унгарска држава. Денес, регионот страда од голема суша, прашање што е една од клучните теми на агендата за инаугуративниот состанок на кабинетот. Петер Маѓар сѐвкупно целта, пред сѐ морално, ја постави за себе и својата влада повисоко од кој било друг унгарски премиер од 1990 година до сега. Еден од првите лични тестови ќе биде драстичното намалување на платата, мерка што самиот ја најави бидејќи и тоа беше дел од поредокот на Орбан - соборениот автократ во однос на просечната национална плата, имаше највисока плата од сите европски премиери.

 

Кено Верзек, новинар на ДВ
Кено Верзек Уредник, автор и новинар за Европската програма на ДВ