1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вештачката интелигенција влезе во кампањата во Македонија

15 октомври 2025

Со слогани, пораки, видеа на социјалните мрежи, партиите со помош на АИ „ловат“ гласачи. Аналитичарите оценуваат дека и покрај современите алатки, слоганите се стерилни и неинвентивни

https://p.dw.com/p/51wwS
Билборди на кандидатите за градоначалник на Скопје
Билборди на кандидатите за градоначалник на Скопје Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Формула 1 стартува на улицата Страшо Пинџур на Тетово и продолжува со луда трка низ градот. Авион на „Влен“ полетува од „пистата“ на булеварот „Видео Смилевски Бато“ – еден од најголемите проекти во општината, на кој е во план да се градат четири кружни текови. Ваква е визијата на тетовскиот градоначалник и лидер на Беса, Билал Касами, кој е во трка за нов градоначалнички мандат како кандидат на „Вреди“ (Влен). Она што го сработил досега, но и неговите планови за иднината, тој се одлучи со помош на футуристички видеа креирани од вештачка интелигенција (ВИ) да им ги презентира на граѓаните преку социјалните мрежи. 

Тој не е единствениот кандидат за градоначалник кој се одлучи да ја води кампањата со помош на ВИ. Речиси сите партии и кандидати посегнаа по новите алатки кои им ги нуди современата технологија. Дали за креирање на слоганите или на текстуалните пораки на социјалните мрежи, или за креирање на спотови и изборни материјали – некои умешно, а други невешто – се обидуваат да им се приближат и да ги освојат гласачите. Она што аналитичарите го забележуваат, е дека пред се на овие избори, фокусот е кон младите и освојувањето пред се на нивните симпатии.

Стерилна кампања и неинвентивни слогани

И покрај ваквиот „иновативен“ пристап на дел од учесниците во претстојните локални избори во недела (19 октомври), и на овие локални избори се има впечаток дека слоганите и кампањите ниту се оригинални, ниту пак лесно се паметат. Некои од нив се предолги, не праќаат никаква пораки и тешко и будат какви и да било асоцијации кај гласачкото тело. Слоганот не ги добива изборите - но е шлаг на тортата на секој изборен циклус.

Повеќемина се уште се сеќаваат на легендарниот слоган на Демократска партија од 1994 година -„Со чисти раце“, кој и ден денеска се поврзува со името на тогашниот партиски лидер - Петар Гошев. 

Гоце Пачемски, специјалист за односи со јавност и комуникациски менаџмент, смета дека кампањата е стерилна, а слоганите се неинвентивни. 

„Кампањата за овие локални избори, особено ако се анализираат слоганите и дизајнерските решенија, изгледа и звучи многу неоригинално, па дури и досадно.Мислам дека голем дел од тимовите кои ја составувале содржината на комуникацијата на партиите и кандидатите премногу се потпирале на советите и насоките од вештачката интелигенција, па затоа голем дел од слоганите и визуелните решенија звучат и изгледаат генерички, стерилно и невпечатливо“, вели Пачемски за ДВ.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ се одлучи на изборите да оди со слоганот „Вистинскиот избор. Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!. Опозициската СДСМ, пак, порача : „Се бориме за нашиот дом!“, што предизвика реакција кај премиерот Мицкоски. 

Премиерот Христијан Мицкоски
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ се одлучи на изборите да оди со слоганот „Вистинскиот избор. Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Венко Филипче излезе пред граѓаните со слоган „Се бориме за нашиот дом“. Прашањето е за кој дом? За хациендите во Дубаи, за хациендите на Халкидики, за јахтите на Халкидики, за фирмите во Петрич. За што се борат? Имаа тие можност да се борат за својот дом 7 години. ДУИ и Али Ахмети, цела кампања ја водат враќајќи не наназад цели децении, 30-40 години, потсетувајќи не за некакви средби со генерали, или не знам што. Во кампања во која што треба да зборуваме за иднина, во кампања во која што светот зборува за вештачка интелигенција, кога светот зборува за големиот зелен договор, кога светот зборува за освојување на космосот“, рече Мицкоски во повеќе наврати за време на изборната кампања. 

Мицкоски ја најави изборната кампања со пораката дека „Најдоброто допрва доаѓа“, но според лидерот на СДСМ, Венко Филипче „ова е најлошиот слоган за кампања и потценување на интелигенцијата на граѓаните“.  „Што е тоа што ’допрва ќе дојде’? Не беа доволни четири години локална власт и една година централна власт за да направите нешто?“, запраша тој на социјалните мрежи на 18 јуни годинава. 

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче и кандидатите за градоначалници
Опозициската СДСМ, со слоганот порачува : „Се бориме за нашиот дом!“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Некој знае - некој грми“ 

Владиниот коалиционен партнер ЗНАМ се одлучи за слоганот „ЗНАМ и Скопје (Центар, Куманово...) знае“, а од коалицијата „Вреди“ настапуваат со слоганот „Еден глас“. Демократската унија за интеграција во минатото се одлучуваше за слогани кои беа најавувани со месеци со цел да се заинтригира јавноста. Такви беа слоганите: „Да! Тој доаѓа“, или пак „зелениот“ слоган со кој партијата пред четири години настапи на локалните избори:  „Изберете живот, гласајте зелено“. Сега партијата се одлучи за краток слоган „Заедно“, додека кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи води доста активна кампања со слоганот „Заедно за Чаир. Да ја направиме промената“. 

Лидерот на ГРОМ, Стевче Јакимовски, кој по петти пат е во трка за градоначалник на Карпош, на изборите оди со слоганот „Да го одбраниме Карпош, да го зачуваме достоинството“, што предизвика реакции и дилеми на социјалните мрежи - од кого треба да го „одбраниме“ Карпош?

Левица остана без средства за државно рекламирање, па кампањата ја пресели пред се на социјалните мрежи. Со слоганот „Народот сега“ и со кратки видео-спотови на Фејсбук, тие се обидуваат да допрат пред се до младите, но и до незадоволните кои уште не одлучиле за кого да го дадат својот глас. 

Амбициозни проекти и нереални ветувања 

Пачемски за ДВ вели дека дел од пораките што ги испраќаат одредени партии и кандидати звучат дури и арогантно, што упатува на заклучокот дека се наменети единствено за сопствените партиски членови и симпатизери, а не за неопределените гласачи.  

„Изборните програми и реториката на голем број кандидати се полни со амбициозни проекти и нереални ветувања, од кои голем дел се повторуваат од претходните изборни циклуси, додека понудата на практични решенија за горливите проблеми кои имаат големо влијание врз квалитетот на животот на луѓето, имам впечаток дека целосно е запоставена или намерно се одбегнува“, вели нашиот соговорник.   

Според него, клучниот проблем за ваквата стерилна кампања е тоа што најголем дел од партиите и останатите учесници во кампањата, при креирање на нивните изборни програми и комуникациски стратегии, не се раководеле од вистинските проблеми на луѓето во локалните заедници и тие не се резултат на професионални и длабински анкетни истражувања, туку на импровизации и лични проценки.  

Ќе ви го украде ли вештачката интелигенција работното место?

Вештачка интелигенција во кампања - да или не? 

Вештачката кампања се почесто се користи во изборните кампањи и не е „грев“ ако се користи и во земјата. Но, аналитичарите се децидни дека таа треба да се користи на вистинскиот начин, да не се злоупотребува за ширење на дезинформации, јасно да биде обележано дека станува збор за ВИ, и да се внимава да не се изгуби автентичноста на оние коишто ја користат. 

„Се бираат некои убави, габаритни зборови коишто имаат богата метафоричност, да речеме зборот ‘визија’, и мислам дека премногу се употребува, бидејќи за локални теми, не ни треба толку некакво визионерство. Ние имаме да речеме 100 работи коишто мора да се направат, да се исчистат, да се средат работите“, рече универзитетскиот професор Сеад Џигал во дебатата во „360 степени“ на МРТ 1. 

Билборд на кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Георгиевски во центарот на Скопје
Билборд на кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Георгиевски во центарот на СкопјеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Го прашавме ЧетГПТ дали вештачката интелигенција се употребува во изборните кампањи. Какви се искуствата и во кои земји се употребува. Дали се користи за креирање слогани, пораки на социјалните мрежи, за спотови? Дали вештачката интелигенција се користи и во кампањата за локалните избори во Македонија?

„Супер прашање — кратко и јасно: да, вештачката интелигенција (ВИ) веќе се користи во изборни кампањи низ светот, но интензитетот и начините на употреба варираат по земји. Најчесто се користи за автоматско генерирање текстови и визуелни содржини, персонализирани пораки, автоматизирани чат-ботови, таргетирање/микротаргетирање на гласачи, и (во некои случаи) манипулативни техники како deepfake видеа и аудио“, е одговорот којшто го добивме од популарната алатка. 

Нејзиното пребарување по интернет архивата покажа дека во САД и во Западна Европа партиски тимови и независни оператори користеле генеративен ВИ за реклами, текстови, мемиња и автоматизација на пораки, но имало и загриженост за deepfakes и микро-таргетирање. Во Индија, пак, изборни регулатори и медиуми веќе се занимаваат со прашања за означување/етикетирање на ВИ-генерирана политичка содржина. Позитивната работа е што со ВИ се заштедуваат време и пари, но постои опасност од ширење дезинформации и регулаторни/етички проблеми (приватност, недостиг од транспарентност). Многу граѓански организации и регулатори веќе бараат правила за означување/откривање на AI-генериран политички материјал. 

Според ЧатГПТ, нема „јасен доказ за масовна/официјална употреба на ВИ во кампањите во македонските локални избори 2025“. „Сепак важно е да се напомене - малите тимови или поединци (консултанти, агенции, млади активисти) може да користат ВИ алатки без тоа да биде широко пријавено. Овие ситни употреби често не се детектираат од медиумите“, посочува алатката во нејзината анализа. 

Внимавајте на измами со вештачка интелигенција!

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема